Александар Василевски – Нинџа, кој со првостепена пресуда е осуден на 8 години затвор за настаните во Собранието на 27 април 2017, бил спроведен од затворот во Штип до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција бидејќи добивал закани, велат оттаму.
„Лицето за кое покажувате интерес преку Управата за извршување санкции до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција достави писмо со информација дека добивало закани од други лица осудени за настаните од 27 април во Собранието. Во насока на расветлување на случајот е повикано во обвинителството да даде исказ“,
ни одговорија од Обвинителството.
Информацијата за посетата на обинителството првично ја објави Алфа ТВ.
Прашавме и во Управата за извршување на санкции, дали имаат информации за закани кои ги добивал Василевски, но оттаму велат дека писмото притвореникот со писмото се обратил до обвинителството со кое раководи обивнителката Вилма Русковска.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, пак, кој му бранител во предметот каде е осуден, вели дека нема информации во врска со овие случувања.
Нинџа беше опфатен во најобемниот предмет за 27 април, каде беа обвинети 33 лица од кои 15 потоа добија амнестија, а сите останати беа осудени освен Игор Дурловски кој доби ослободителна пресуда. Осудените добија вкупно 211 години затвор. Највисока казна имаше за тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков – 18 години затвор. Нинџа, пак, доби една од пониските казни, а во неговото сведочење изнесе низа детали за „крвавиот четврток“, за организацијата на протестите „За заедничка Македонија“, за вмешаноста на истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ…
Оваа пресуда со поднесените жалби се наоѓа пред Апелацискиот суд во Скопје, кој првично имаше закажано јавни седници за 18, 19 и 20 март, но поради епидемијата со коронавирусот ги одложи.
Нинџа на едно од наредните рочишта за предметот познат во јавноста како „организаторите на 27 април“, пак, треба да се појави како сведок токму на предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
