Во писмото се наведени конкретни чекори што Израел мора да ги преземе во рок од 30 дена, вклучително и овозможување на минимум 350 камиони дневно да влегуваат во Газа, воведување паузи во борбите за да се дозволи испорака на помош, овозможување хуманитарни активности вклучително и вакцинирање
САД му порачаа на Израел дека мора да преземе чекори во следниот месец за да ја подобри хуманитарната ситуација во Газа или ќе се соочи со потенцијални ограничувања на американската воена помош, велат американските власти, пренесува Ројтерс додавајќи дека ова е најсилно вакво предупредување од почетокот на израелската војна со Хамас пред една година.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин преку писмо испратено до израелските власти бараат конкретни мерки за справување со влошената ситуација во палестинската енклава поради обновената израелска офанзива во северниот дел на Газа.
Ројтерс, повикувајќи се на писмото кое е објавено од израелскиот „Њуз 12“, вели дека неспроведувањето на мерките може да влијае на политиката на САД.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби вели дека писмото не било наменето за закана, но ја повтори итноста за зголемување на хуманитарната помош во Газа.
Според Ројтерс, израелски официјален претставник во Вашингтон изјавил дека писмото е примено и дека се разгледува.
„Израел сериозно го сфаќа ова прашање и има намера да одговори на загриженоста изразена во ова писмо со нашите американски колеги“,
рекол официјалниот претставник.
Во писмото се наведени конкретни чекори што Израел мора да ги преземе во рок од 30 дена, вклучително и овозможување на минимум 350 камиони дневно да влегуваат во Газа, воведување паузи во борбите за да се дозволи испорака на помош и укинување на наредбите за евакуација на палестинските цивили кога нема оперативна потреба. Исто така, се бара да се овозможи хуманитарни активности вклучително вакцинирање и дистрибуција на помош, најмалку во следните четири месеци.