Сите петмина патници се надвор од животна опасност
Двајца потешко и тројца полесно се повредени во синоќешната несреќа што се случи пред влезот на Велес, кога автомобил излета од патот и падна на железничката пруга Градско-Велес, а потоа во него удри воз кој сообраќал на линијата Гевгелија-Скопје. За среќа, патниците биле надвор од автомобилот кога возот удрил во него.
Меѓу потешко повредените е и тримесечно бебе кое има повреди на главата и кое синоќа по укажаната лекарска помош во Општата болница во Велес е пренесено на скопските клиники во придружба на неговата 21-годишна мајка која се здобила со полесни повреди. По прегледот на скопските клиники, мајката и бебето се повторно вратени во Општата болница во Велес каде што сѐ уште се на лекување.
Вториот потешко повреден е возачот кој има фрактура на лумбалниот ‘рбет и поради сериозноста на повредите е пренесен на клиниките во Скопје.
Портпаролот на Општата болница од Велес за МИА информира дека сите петмина повредени се надвор од животна опасност.
Возачот на возилото (22 години), уште еден патник (25), како и мајката и бебето се од Неготино, додека петтиот патник (27) е од Куманово.
Повредените првично со две возила на Брза помош биле пренесени во Општата болница во Велес. Доктор Васе Панова за МИА изјави дека бебето немало видливи повреди, мајката имала нагмечување на слабинскиот дел, а таткото нагмечување на рамо и на бутот. Останатите двајца возрасни биле со полесни повреди.
Несреќата се случи синоќа во 19:05 часот на железничката пруга Градско-Велес на околу два километра пред влезот на Велес кога возилото „рено“ излета од патот и падна на пругата.
