Донесувањето одлука по овој предмет е прва точка на дневен ред во делот на предлози за одлучување со нацрт-одлуки по кои ќе треба да се произнесат уставните судии
По неполн еден месец откако реши да поведе постапка, Уставниот суд на редовна седница закажана за в среда треба да донесе конечна одлука за уставноста и законитоста на т.н. „балансер“, односно алатката за вработување припадници на различни етнички заедници во јавниот сектор.

Донесувањето одлука за оспорените одредби од Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници, каде што е регулирано ова прашање, е прва точка на дневен ред во делот на предлози за одлучување со нацрт-одлуки, по кои ќе треба да се произнесат уставните судии.
Уставниот суд ќе треба да донесе одлука во однос на формулацијата „припадност на заедница“ од членот 19 став 1 алинеја 1 од Законот за вработените во јавен сектор 36 став 1 алинеја 1 од Законот за административни службеници, како и во соодветните правилници и Методологијата со кои се прецизира ова прашање при вработувањето на припадниците на различни етнички заедници во јавниот сектор.
Одлуката да поведе постапка за „балансерот“ Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Покрај поведување постапка по предметот, Уставен истовремено ја замрзна употребата на „балансерот“ до донесување на конечната одлука, што се очекува в среда. По ваквата одлука, Министерството за јавна администрација пред една недела донесе насоки за државните институциите како да постапуваат при вработувањата.
Судија известител по предметот беше претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, според кого, само мерит-системот и компетентноста треба да се единствен критериум за вработување и унапредување.
Националноста, додаде тој тогаш, е приватно, лично и внатрешно чувство на припадност на поединецот. Костадиновски потсети дека Уставниот суд веќе донел одлука и тие како уставни судии кажале дека е лично право „да ја изразам, да не ја изразам или да се воздржам“ за националната припадност.
Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата.
Одлуката за поведување постапка за „балансерот“ предизвика реакции кај партиите на Албанците, особено оние во опозиција. Така од Демократската унија за интеграција (ДУИ) одлуката ја оценија како почеток на уништувањето на меѓуетничките односи, што ќе отвори нови проблеми, кои, како што наведоа од партијата, кои ќе доведат до рушење на основните темели на Охридскиот договор.
Зијадин Села од опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ, исто така, оцени дека со укинување на „балансерот“ се нарушуваат основните човекови права на граѓаните на оваа држава.
Од друга страна, пак, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити од коалицијата „Вреди“ во интервју за ТВ 21 коментирајќи ја одлуката Уставниот суд изјави дека овој механизам е девалвиран, а неговото време е завршено и дека со евентуално негово укинување Албанците во државава не губат ништо.
Според него, при формирањето на новата влада, политичкиот договор меѓу „Вреди“ и партнерите од ВМРО-ДПМНЕ бил „балансерот“ да биде унапреден во закон за соодветно претставување на малцинските заедници и му забележа на Уставен дека не го нашол моментот за да поведе постапка.

Ваква забелешка имаше министерот за здравство, Арбен Таравари, кој во изјава за медиумите одлуката на Уставен да поведе постапка за „балансерот“ ја оцени како избрзана, додавајќи дека во овој период не ни се потребни вакви тензични состојби. Додаде дека „балансерот“ бил добра алатка, но оти почнал да се злоупотребува во последно време и дека со коалициските партнери од ВМРО-ДПМНЕ имале договор прво да го договорат законот за правична застапеност на сите заедници, па потоа да се решава прашањето за „балансерот“.
Премиерот Христијан Мицкоски пак прашан за одлуката и реакциите од партиите од албанскиот блок, вклучително и од партнерите од владината коалиција, рече дека тие се во согласност со тоа што го разговарале во минатото. Мицкоски посочи и дека останува на својата позиција дека одлуките на Уставниот суд не треба се коментираат. „Некогаш може да ни се допаѓаат, некогаш може да не ни се допаѓаат, но мислам дека не треба се коментираат“, изјави премиерот на 20 септември.
