Дел од угостителските објекти работат и во полициски час, со тоа го загрозуваат јавното здравје и здравјето на своето семејство, ве молам почитувајте ги мерките, рече денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.
„Многу објекти се осмелија дури и во полициски час да отвораат и да се собираат луѓе. Сѐ што правиме е за здравјето на луѓето. И синоќа и ноќта пред тоа затворавме објекти и во Тетово, и во Врапчиште и во Гостивар. Упатувам апел барем во полициски час да не доаѓа до тоа инспекторите кои се по цел ден на работа да бидат повикувани од полицијата за да затвораме објекти бидејќи, пред сѐ, сите што одат во такви објекти го загрозуваат и своето семејство“,
рече Пауновски на редовната прес-конференција на Инспекцискиот совет.
Пазарните инспектори од 4 до 11 месецов извршиле вкупно 2 221 инспекциски надзори, при што затвориле пет угостителски објекти во Кичево, Охрид, Тетово и Струмица, кои работеле и покрај забраната со мерките од Владата за спречување на ширењето на вирусот ковид-19. За објектите во Охрид и Струмица ќе следуваат и прекршочни пријави.
Евидентирани се и пет прекршоци за непочитување на замрзнатите цени или несоработка при надзор во повеќе населени места и дополнително се запачетени три кафемати во Штип. Шесте инспекторати при Инспекцискиот совет од 4 до 11 мај реализирале вкупно 3 690 вонредни надзори.
