Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева тврди дека Бугарија на никаков начин не им го оспорува правото на Македонците за самоoпределување. Тоа, според неа, е основно право на секој човек и официјална Софија нема никаков проблем со тоа.
„Тоа никој не им го оспорува, а тие си играат со тоа. Се работи за предизборна реторика, а Бугарија секогаш била добра тема кога таму има избори“,
изјави Захариева во интервју за бугарската ТВ Нова.
Сепак, таа нагласува дека тоа не смее да биде заснована на невистини и на кампања против официјална Софија, што било и причина за постигнување на Договорот за пријателство и добрососедство.
„Државите признаваат држави, а не нации и јазици, но тоа самоопределување и таа нација, кои тие ги градат од 1944 година, не треба да се темелат на лага и на антибугарска кампања. Треба да се темелат на вистината. Основата на нашиот договор е историјата. Заедничката историја. Никој не им го оспорува правото да имаат држава и да се самоопределат. Но, не само според Декларацијата која ја донесе нашиот парламент, туку и според сите Декларации на Европската Унија, вклучувајќи ја и онаа на лидерите на ЕУ, последната од Загреб, па и во одлуката на Европскиот совет за отпочнување преговори со Македонија и со Албанија, каде што изречно се бара почитување на Договорот за пријателство и добрососедство“,
вели министерката за надворешни работи на Бугарија.
Во интервјуто, и покрај инсистирањето на водителот, таа одби да одговори дали Бугарија ќе ѝ го попречи патот на Македонија кон ЕУ укажувајќи дека има чекори кои според Договорот треба да бидат исполнети и затоа инсистира да продолжи со работа заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.
„Треба да се возобнови работата на експертската комисија. Таа е составена од експерти и тоа постојано го повторуваме. Јас не мислам, ниту некогаш сум се надевала дека таа бргу, за една-две средби, ќе ја заврши работа, но таа по барање од македонска страна, поради изборите, прекина со работа. Таа не е составена од политичари, туку од експерти. Ако е експертска, не треба да застане со работа поради изборите“,
нагласи Захариева.