Ова е првпат јавно претседателката да го употреби уставното име на земјава
Мојата држава Република Северна Македонија – рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на генералната дебата на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.
Пред претставниците на државите членки на ОН таа потсети дека земјава во 1993 година беше примена во организацијата под привремена референца и и беше наложено да го реши спорот за името, а по Преспанскиот договор од 2018 година „Република Македонија формално-правно стана Република Северна Македонија“.
„Новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски”,
порача претседателката.
Ова е првпат јавно Силјановска-Давкова да го употреби уставното име на земјава.
Како професорка во 2018 година таа ја поддржуваше кампањата за бојкотирање на референдумот за Договорот од Преспа и беше остар противник на промената на името велејќи дека е спротивно на меѓународното право.
Давајќи заклетва во Собрание во мај годинава, Сиљановска-Давкова користеше Македонија наместо Северна Македонија.
Тоа наиде на остри реакции од меѓународната заедница, особено од Европската Унија од каде повикаа новата претседателка да го почитува Преспанскиот договор.
Следуваше период во кој Сиљановска-Давкова во своите јавни настапи не го употребуваше ниту старото ниту новото име на државата.
Изминатите месеци, по изборот на новата Влада, темата за употребата на уставното име на државата е една од најекспонираните.
Претседателката, премиерот и други функционери, во јавните вербални настапи, користеа Република Македонија или само Македонија. Имаше и примери во кои функционери на ВМРО-ДПМНЕ го употребија уставното име, како министерката за образование и наука Весна Јаневска и нејзиниот колега од земјоделство Цветан Трипуновски.
Истото го направи и премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Хрватска, а претходно и при обраќање на настан во Вашингтон.