Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека не сака да ги коментира изјавите на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кои вчера ги даде за медиумите во однос на работата на МВР.
„Во текот на вчерашниот ден ја прочитав изјавата на Шилегов во која го споменува моето име и, да бидам искрен, ниту сум изненаден ниту, пак, вознемирен. Изјавата е само одраз на вистинската личност на Петре Шилегов која во изминатиот период ја затскрива зад градоначалничка позиција глумејќи чесен и одговорен политичар. За мене е премногу ниско да се впуштам во коментирање на неговите изјави, затоа што тие не се достојни, а ниту се ниво за мое коментирање“,
пишува Чулев на Фејсбук.
Тој смета дека ако неговиот чесен и одговорен пристап во работата и грижата за граѓаните и нивното здравје за Шилегов е „лудо“ тогаш слободно може да продолжи да го нарекува така.
„Ако чесното, а не криминално работење за Шилегов е „лудо“, тогаш може да ме нарекува така. За мене се најважни граѓаните и во таа насока ги информирам дека Министерството за внатрешни работи веднаш презеде активност и случајот за кој тој обвинува е расчистен во целост“,
додаде Чулев алудирајќи на случајот со инспекторите на Град Скопје, кои беа нападнати додека ја извршувале својата работа.
