Откако скопскиот градоначалник Петре Шилегов на прес-конференција го впери прстот во техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и обвини дека полицијата не постапила по инцидентот кај депонијата Вардариште, каде што двајца градски редари беа физички нападнати од граѓани кои фрлале ѓубре, со реакција излезе советничката група на ВМРО-ДПМНЕ од Советот на Град Скопје.
„Уличниот речник на Петре Шилегов е последица на пропуштена социјализација и специфичната емотивна состојба во која се наоѓа скопскиот градоначалник. Оттаму, како советничка група на градот Скопје, и загрижени за сето ова ќе предложиме пред секоја седница на советот на градот Скопје освен присуство на претставници од пожарната единица на град Скопје кои редовно присуствуваат, да присуствува и претставник на итната медицинска помош, како и да се спроведува задолжителен алкотест, со цел да се зачува здравјето на сите, а најмногу на Петре Шилегов“,
се вели во нивното соопштение.
Дополнително, обвинуваат дека токму градските власти преку Јавното претпријатие за комунална хигиена нелегално фрлаат смет на депонијата за време на полицискиот час.
„Наместо градски татко, Шилегов одбра да биде градски кловн, кој освен патолошко лажење, е и заштитник на црните пари на Заеви преку отворените сомнежи за тендер коалициите во јавните претпријатија со кој управува градот. Дополнително Петре Шилегов не можејќи да го реши проблемот барал од Наќе Чулев да забрани и казнува граѓани кои прописно го фрлале сметот во преполните контејнери. Полните контејнери не се проблем на Наќе Чулев туку на лажоманот Петре Шилегов“,
се вели во соопштението.
