„Јас не работам ниту по наредба ниту на Гаши, ниту на неговиот шеф Мицкоски. Сè додека сум на чело на Kомисијата, бранителите не поминуваат“, одговорила Даути на задолжението од Гаши да ја свика седницата на матичната Комисија за да се разгледа предлог-законот за бранителите
Од Собранието попладнево информираа дека собранискиот спикер не може да постапи според Деловникот и да ја закаже седницата на Комисијата затоа што таа веќе била закажана и одржана денеска во 11 часот. Но, информациите достапни на интернет-страницата на парламентот покажуваат дека на дневниот ред на комисијата не беше овој закон
Пратеничката на Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, Илире Даути, одбива да постапи по задолжението на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и да ја свика собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.
Ова работно тело на Собранието, како матично, треба да ги разгледа предлог-измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили, што ги предложи пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, и кои треба да се носат по скратена постапка.
Измените предизвикаа низа реакции од коалицијата „Вреди“ и од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кои вчера и денеска рекоа дека целта поради која тие се предлагаат е подгревање на меѓуетнички поделби и тензии, обвинувајќи ги притоа СДСМ и ДУИ.
Интересно е што сега задолжението да се расправа по овој предлог доаѓа од претседателот на Собранието, кој е од редовите на „Вреди“, а контра него е пратеничка од коалицијата предводена од ДУИ.
„На четиринаeсеттата седница на Собранието на Република Македонија, Собранието одлучи да расправа по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Северна Македонија и на членовите на нивните семејства, по скратена постапка, поднесен од пратеникот Славјанка Петровска.
Врз основа на член на 176 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Ве задолжувам да расправате по предлогот на Законот“,
се вели во документот од собранискиот спикер до претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути.
Таа, пак, на задолжувањето од Гаши, кое е дел од редовна процедура, одговара:
„Јас не работам ниту по наредба ниту на Гаши, ниту на неговиот шеф Мицкоски. Сè додека сум на чело на комисијата, бранителите не поминуваат“.
Од коалицијата дополнително наведуваат дека со денешните постапки на Гаши се разоткриле, како што велат, измамите на нелегитимната власт.
„ВЛЕН не само што не блокира, не само што вчера направи кворум, туку и нивниот претседател Африм Гаши писмено наредува претседателката на матичната комисија Илире Даути да ја свика седницата на комисијата за законот за бранители. Ова јасно ги разоткрива измамите на пратениците на нелегитимната власт“,
велат од „Европскиот фронт“.
Според новиот Деловник за работа на Собранието, ако законодавниот дом одлучи да расправа за предлог на закон да се донесе по скратена постапка, претседателот на Собранието веднаш ги задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на закон.
Ова го вели ставот 1 од членот 176 на Деловникот, каде што во следниот став 2 се наведува:
„Седницата на матичното работно тело и на Законодавно-правната комисија се свикува и започнува веднаш, но не подоцна од 24 часа од задолжувањето од ставот (1) на овој член, ниту порано од шест часа од задолжувањето од ставот (1) на овој член, а ќе заврши во рок од три дена од започнувањето“.
Во членот 126 став 3, пак, е регулирано што во случај доколку претседателот на работното тело не ја свика седницата. Тогаш седницата ја свикува претседателот на Собранието, а со неа претседава член на комисијата што тој ќе го определи до нејзиното завршување.
Во одговор на новинарски прашања од Собранието попладнево информираа дека собранискиот спикер не може да постапи според Деловникот и да ја закаже седницата на Комисијата затоа што таа веќе била закажана и одржана денеска во 11 часот.
Но, ако се погледне распоредот на денешните активности на Собранието на веб-страницата на законодавниот дом, се гледа дека имало седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, но не со законот за бранители на дневен ред, туку на оној за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Од Собранието засега нема одговор дали Гаши ќе ја закаже седницата на матичното работно тело за Законот за бранителите.
Вчера со 65 гласа „за“ и 11 „против“ Собранието изгласа предлог-измените на Петровска да бидат дел од дневниот ред на 14. седница и да се носат по скратена постапка.
Ова предизвика жестоки реакции од пратениците на коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“, од каде ги обвинија ДУИ и СДСМ дека со Законот за бранители се обидуваат да ја „запалат искрата на меѓуетничките тензии“ за да се спасат од политичката корупција. Според коалицијата, овој закон бил напишан во седиштето на ДУИ во Мала Речица, а бил поднесен во Собранието од СДСМ.
Од „Вреди“ порачаа дека нема да дозволат усвојување на овој закон за бранители доколку тој не биде во пакет со закон за решавање на статусот на поранешните припадници на Ослободителната национална армија (ОНА) од времето на конфликтот во 2001 година.
Опозициската ДУИ, пак, ја обвини „Вреди“ за хипокризија бидејќи, како што рече вчера координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети, нивните пратеници овозможиле законот да влезе на дневен ред во собраниска процедура. Од ДУИ, исто така, најавија дека нема да го поддржат овој закон.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска прашан за коментар за законот и пораките од коалицискиот партнер во Владата, „Вреди“, рече дека бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат неговата поддршка, но, според него, целта на измените на законот е повторно создавање етнички тензии и нетрпеливост.
Наспроти ваквите тврдења на власта, лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денеска одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Собранието, рече дека овој закон е поднесен со цел да се излезе во пресрет на барањата на припадниците на безбедносните сили кои имаат инвалидитет и на семејствата кои имаат загинати бранители.
„И тука воопшто нема никаква димензија на некаква меѓуетничка поделба или некакво подгревање на меѓуетнички тензии“, изјави Филипче.