Поранешниот премиер Никола Груевски денеска е изведен пред суд во Будимпешта по барање за екстрадиција од македонските власти, јавуваат повеќе унгарски медиуми.
Според видеото кое го објави унгарскиот портал hvg.hu и при спроведувањето и за време на рочиштето, Груевски носи безбол капа, темни наочари, а видливо е и дека рацете, кои ги држи постојано споени пред него, се покриени со сако. Вообичаено, тоа го прават осомничени или обвинети лица кога на рацете имаат лисици, а тоа не сакаат да биде јавно забележано.
На барање на одбраната, на што не се спротивставило обвинителството, јавноста е исклучена од следење на рочиштето, известуваат унгарските медиуми.
Засега не е јасно ниту по кое барање за екстрадиција решава денеска судот во Будимпешта – дали за издржување на казната затвор во случајот „Тенк“ или за најновото барање поврзано со организацијата на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
Од министерството за правда на С. Македонија велат дека добиле потврда од унгарските власти дека минатиот понеделник, 17 јуни, го примиле второто барање за екстрадиција на Никола Груевски (за настаните од 27 април 2017 г.). Со ова барање биле испратени и информации за сите други случаи во кои Груевски е обвинет или осомничен.