„Доколку се утврди дека одреден субјект неправилно се стекнал со субвенции, ги повикувам институциите да започнат постапка за поврат на исплатените средства и да покренат постапка пред надлежните органи, како и доколку МЗШВ има утврдено недоследности во почитување на договорни обврски за земјиште, тоа е основа за раскинување на тие договори и очекувам завршница во тој правец“, вели поранешниот министер

Празни обвинувања кон мене во обид да направи театар пред јавноста – вака поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски одговори на денешните обвинувања од актуелниот министер Цветан Трипуновски кој рече дека додека Николовски како прв човек во Министерството овозможил две фирми противправно да земат субвенции од илјадници евра.
„Во нашата држава точно се знае кој каква улога има, вклучително и функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, за која Трипуновски по не знам кој пат покажува дека е недостоен да ја држи. Го упатувам министерот прво да се запознае со постапките и надлежностите на органите во неговиот состав, пред да се расфрла со празни обвинувања кон мене, во обид да направи театар пред јавноста и да ја прикрие безидејноста и неспособноста на владата од која е дел“,
вели Николовски во реакцијата.
Тој денеска ги повика надлежните институции да постапат за она што е искажано на денешната прес-конференција од страна на Трипуновски.
Образложението на Николовски е дека додека тој бил на чело на институцијата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) било познато како едно од најтранспарентните.
„Мојот министерски мандат е познат како еден од најтранспарентните, што се потврдува со фактот дека под моето раководство МЗШВ беше прогласена за најтранспарентна институција и една од институциите со највисок интегритет. Јас како министер ги имам дадено сите потребни задолженија на службите да работат согласно законите“,
додава тој.
Според Николовски, во МЗШВ имало повеќе од 11 илјади договори за закуп на земјиште и никој министер не може да знае што се случува со секој поединечен договор, па затоа постојат организациски единици задолжени за управување со тие договори.
„Доколку се утврди дека одреден субјект неправилно се стекнал со субвенции, ги повикувам институциите да започнат постапка за поврат на исплатените средства и да покренат постапка пред надлежните органи, како и доколку МЗШВ има утврдено недоследности во почитување на договорни обврски за земјиште, тоа е основа за раскинување на тие договори и очекувам завршница во тој правец“,
додава Николовски.
Очекувањата на Николовски се дека актуелната власт во недостиг на идеи ќе продолжи со, како што вели, конструкциите и лагите кон него.
„Граѓаните не сакаат театри и конструкции. Производителите од вас очекуваат достоинствени цени за нивните земјоделски производи, а купувачите очекуваат да ги зауздите трговците и цените на прехранбените производи кои ги рушат сите рекорди“,
додава тој.
Актуелниот министер за земјоделство Трипуновски на прес-конференција објави дека започнуваат со објавување на сите сомнителни случаи и афери на претходното раководство на МЗШВ и Николовски, како тогашен министер.

Трипуновски денеска објави два случаи со фирмите „Арекспрот“ ДООЕЛ увоз-извоз од Струмица и „ДЗС Илинден“ на кои, според него, незаконски им биле исплатени субвенции од 30, односно 19 милиони денари.
Актуелниот министер, аргументирајќи ги ваквите негови тврдења, во детали говореше за договорите што овие две фирми ги имале со МЗШВ и други надлежни институции поврзани со исплатата на субвенции. Притоа тој покажа и документи, како поткрепа на неговите тврдења, меѓу кои и извештаи од Државниот инспекторат за земјоделство.
Тој најави дека ќе поднесат пријави до надлежните институции во врска со овие случаи и го повика Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага.