Од ССКМ велат дека ако се укинат предложените мерки, законот ќе нема во целост да може да се применува, каде што е потребно државата по европски терк да ги регулира цените, ќе се зголемат конкурентноста и легитимното право потрошувачите да го изберат најдобриот производ

Со примена на Законот за нефер трговски практики ќе се регулираат односите меѓу претпријатијата во синџирот на снабдување со земјоделство и храна и тој треба да обезбеди примена на трговски практики во целокупниот синџир, сметаат од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ).
Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека во законот се уредени правилата и мерките со кои се спречува наметнување нефер трговски практики, кои отстапуваат од доброто трговско однесување.
„Во законот се утврдуваат нефер трговските практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите добавувачи, постапките за утврдување нефер трговски практики, како и соработката помеѓу надлежните органи за спроведување на надзорот над примената на нефер трговските практики“,
се наведува во соопштението од ССКМ.
Според Законот, додаваат од ССКМ, силата на супериорна преговарачка моќ е регулирана во прагови на остварен вкупен годишен приход од продажбата на производи и услуги искажан во годишната сметка и во годишниот финансиски извештај, односно билансот на успех на купувачот и добавувачот.
Во однос на Законот за нефер трговски практики, од ССКМ велат дека нивниот став и предлозите ги имаат поднесено до сите релевантни институции.
Според нив, со носењето на законот ќе има порамноправен третман и ќе се намали јазот на мали и големи компании.
„Ако се укинат предложените мерки, законот ќе нема во целост да може да се применува, каде што е потребно државата по европски терк да ги регулира цените, ќе се зголеми конкурентноста и легитимното право како потрошувачи да го избереме најдобриот производ“,
велат од ССКМ.
Во соопштението од ССКМ се вели дека од законот на долг рок ќе има бенефит и за големите маркети, заради присутноста на онлајн продавници кои се ценовно конкурентни и заради онлајн купувањето кој е веќе тренд и многу е застапен кај купувачите.
„Дополнителен проблем се царинските стапки, македонските царински стапки во однос на европските се до 3-5 пати поголеми, самите производители во целокупното деловно работење им е предизвик како да успешно функционираат, каде одредени производи имаат 30-40 отсто поголеми царински стапки во споредба со европските“,
велат од ССКМ.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека на македонската економија и е потребен натпревар за пристојни цени, а досегашниот систем велат дека го гуши.
„Со примената на овој закон производите ќе го добијат своето место, а и најмалиот производител ќе биде застапен на пазарот“,
додаваат оттаму.
Во нивното објаснување на законот велат дека при склучување на договор за снабдување со земјоделски и прехранбени производи, добавувачот и купувачот се должни на јасен и недвосмислен начин да прикажат објективна и разумна проценка за трошоците и плаќањето по единица, или вкупно плаќање, според утврден ценовник на купувачот.
„Во ценовникот на купувачот треба да се наведени цените односно износите врз основа на кои ќе се пресметуваат надоместоците за наведените точки. Висината на сите надоместоци вкупно не смее да биде повисока од 10 отсто од остварениот промет во тековната година, кои јасно ќе се искаже во договорите според новиот закон за нефер трговски практики“,
посочуваат од ССКМ.
Законот за забрана на нефер трговски практики се донесе во март. Со него се очекуваше намалување на цените на прехранбените производи.
Паралелно се состави и листа со над 2 500 производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто.
Околу овој Закон, минатата недела Стопанската комора на Северна Македонија побара да се избришат одредени делови од Законот за нефер трговски практики.
Бранко Азески, претседателот на Стопанска комора, преку писмо на четири страници, му сугерира на премиерот Христијан Мицкоски што не чини во документот.
Од Комората бараат да се избрише делот од законот со кој се ограничува рабатот што добавувачот му го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат условите под кои купувачот може да ги врати кај добавувачот непродадените производи. Треба да се зголеми, како што велат оттаму, рокот во кој купувачот го известува добавувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ.