Од Стопанската комора, како што пренесува ТВ Телма, бараат да се избрише делот од законот со кој се ограничува рабатот што добавувачот му го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат условите под кои купувачот може да ги врати кај добавувачот непродадените производи. Треба да се зголеми, како што велат оттаму, рокот во кој купувачот го известува добавувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ
Стопанската комора на Северна Македонија бара да се избришат одредени делови од Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да се стави крај на проблемите со цените што постојано растат во маркетите, пренесува ТВ Телма.
Бранко Азески, претседателот на Стопанска комора, преку писмо на четири страници, до кое дојде Телма, му сугерира на премиерот Христијан Мицкоски што не чини во документот.
Во писмото стои дека во ЕУ субјектите на пазарот имаат повеќе простор да се адаптираат на новините. Како проблем што го потенцира Азески во писмото е периодот на прилагодување на новото законско решение, односно тоа што некои измени треба да се случат во период кога не е завршена календарската година.
„Праксата на другите пазари во Европската Унија укажува на многу подолг период за усогласување со законите со кои се забрануваат одредени трговски практики. Во Република Северна Македонија преоден период не е оставен, освен за добавувачите и за купувачите кои склучувале договори за снабдување, за кои имаат обврска да ги усогласат со овој закон во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила, а тоа е пред истекот на септември 2024 година“,
пишува Азески во писмото до Мицкоски.
Од Комората бараат да се избрише делот од законот со кој се ограничува рабатот што добавувачот му го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат условите под кои купувачот може да ги врати кај добавувачот непродадените производи. Треба да се зголеми, како што велат оттаму, рокот во кој купувачот го известува добавувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ.
„Преставниците на добавувачите и на купувачите изразија потреба од дополнително прецизирање и појаснување на одредени одредби од Законот. Предлагаме да ја разгледате можноста за дополнително продолжување на рокот на усогласување на работењето со Законот, со цел разјаснување на сите дилеми и поголема правна сигурност за субјектите кои се засегнати од него“,
се вели во писмото.
Законот за забрана на нефер трговски практики се донесе во март. Со него се очекуваше намалување на цените на прехранбените производи.
Паралелно се состави и листа со над 2 500 производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто.
Претходно од Стопанската комора бараа во овој документ да бидат ставени и производите кои се со ДДВ од пет отсто.
Како што пренесува Телма, останува да се види дали Владата ќе ги прифати барањата на Стопанската комора и дали законот ќе се менува или ќе се пролонгира неговата примена.