Концептот на дуално образование, според неа, опфаќа работа на учениците во компаниите, односно на работното место, со што посочи дека успеале да привлечат многу ученици и да го сменат мислењето дека средното стручно образование нема иднина или дека можеби е помалку вредно од гимназиското
Концептот на дуалното образование ги подготвува идните генерации на ученици со квалитетно образование да излезат на пазарот на труд. Затоа, преку нов закон Министерството за образование и наука (МОН) ќе го официјализира дуалното образование во системот на средното образование, кое досега функционираше на база на добра волја. Ова денеска го изјави министерката за образование Весна Јаневска по нејзината посета во компанијата „КАЗ груп“ во Скопје, каде што веќе трета година се спроведува дуалното образование за учениците од СУГС „Владо Тасевски“ во соработка со Стопанската комора и швајцарската амбасада во земјава.
„Правиме комплетно нов закон во комплетна и континуирана комуникација со Стопанската комора. Во него ќе се регулираат односите меѓу училиштата и бизнис-секторот и ќе овозможиме тој да добие легална форма која досега била на добра волја, а ја водела Стопанската комора. Станува збор за концептот на дуално образование кој повеќе години се развива во нашата земја и кој подготвува генерации на ученици со квалитетно образование за да излезат на пазарот на труд“,
вели Јаневска.
Концептот на дуално образование, според неа, опфаќа работа на учениците во компаниите, односно на работното место, со што посочи дека успеале да привлечат многу ученици и да го сменат мислењето дека средното стручно образование нема иднина или дека можеби е помалку вредно од гимназиското.
„Годинава од вкупно запишани 17 илјади ученици во средното образование, дури 12 илјади се запишани во средното стручно образование. Има 62 училишта со дуално образование, каде што во прва година се запишани четири илјади ученици“,
рече министерката.
МОН, како што рече таа, ги стипендира децата што ќе се запишат во дуално образование, со што преку учење заедно со практична работа се овозможува и подобрување на нашите компании на нашиот пазар.
„Ова образование им дава можност да се најдат и на поширокиот пазар во странство, но поентата е дека нам ни недостасуваат стручни работници и компаниите во кои го спроведуваме ова стручно образование голем процент од нив ги задржуваат. Тоа е еден од механизмите младите луѓе да можат да најдат работа во сопствената држава и тука да останат и да работат и живеат, а не да увезуваме работници“,
вели Јаневска.
Швајцарската амбасадорка Вероник Улман посочи дека ги поддржуваат реформите во стручното образование во земјава, со цел, како што рече, младите луѓе да добијат достојни работни места, а приватниот сектор да добие висококвалитетна работна сила.
„Швајцарската програма опфаќа 12 илјади студенти, околу 500 претпријатија. Секако државата треба да направи уште повеќе во иднина, меѓутоа сметам дека целото општество може сето ова да го гледа како една голема можност“,
вели амбасадорката Улман.
Според извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, во последниве пет години од првичните 10, бројот на компании што се вклучени во процесот на дуално образование се зголеми на 500. Посочи дека речиси 70 отсто од децата кои поминуваат низ процесот на дуалното образование остануваат на работа во земјава, нешто што, како што кажа, во 2019 година беше поставено како неверојатна цел, а денеска се реализира.