Претседателот на СДСМ вели дека ова е негов личен став што ќе го брани и ќе го изложи на координацијата со пратеничката група и дека за официјален став на партијата ќе треба да се почека средбата да заврши
„Предлогот за интерпелација за Гаши е незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица“, вели Мицкоски
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во текот на денот ќе излезе со став дали партијата на утрешната собраниска седница ќе гласа за интерпелацијата на спикерот Африм Гаши или, пак, нема да го поддржи предлогот на партијата Левица.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска рече дека за претпладнево имале закажано координација со пратениците од пратеничката група на СДСМ и коалицијата на која ќе заземат став за оваа точка на собраниската седница.
„Веднаш кога ќе заврши координацијата, ќе информираме“,
рече Филипче денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Прашан кој е неговиот личен став за интерпелацијата, Филипче одговори дека според него таа треба да се поддржи. Образложението што го даде за својот став беше дека досега имало премногу престапи.
„Мојот личен став е дека интерпелацијата треба да се поддржи поради тоа што премногу престапи се направија. Ние бевме тие што ја запознаа јавноста со тие работи. Но, не само ние. Институции излегоа и го констатираа прекршувањето на одредени правила на однесување на функционерите“,
додаде Филипче.
Сепак, тој рече дека ова е негов личен што ќе го брани и ќе го изложи на координацијата со пратеничката група и дека за официјален став на партијата ќе треба да се почека средбата да заврши.
За утрешната интерпелација за собранискиот спикер Гаши, денеска на новинарски прашања одговараше и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека тие, како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група на коалицијата „Твоја Македонија“, нема да го поддржат овој предлог.
„Предлогот за интерпелација за Гаши е незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица“,
вели Мицкоски
Тој вели дека апсолутно нема никаква основа за интерпелација на спикерот Гаши и додава дека имаат голем број аргументи за тоа.
„Имаме голем број аргументи зошто тоа не треба да го направиме. Разликата од водењето на Македонија од оваа Влада и онаа Влада предводена од СДСМ и ДУИ е огромна. Тоа веќе и се чувствува насекаде. Можете да забележите насекаде дека сеприсутна е надежта кај граѓаните дека конечно ќе успееме и дека доста се порази и оти конечно ќе почнеме да победуваме“,
рече Мицкоски.
Минатата недела околу интерпелацијата поднесена против него на брифинг со новинарите одговараше и спикерот Гаши. Тој, иако смета дека интерпелацијата за него не е политички издржана, сепак вели дека ќе ја почитува одлуката на мнозинството, каква и да биде таа. Гаши рече дека е добро тоа што на седницата ќе се расправа и ќе може да ѝ се објаснат на јавноста наводите што се поднесени во таа интерпелација.
Претседателот на Собранието, осврнувајќи се на неколкуте забелешки и на тврдења во самото барање за интерпелација, рече дека не направил никаква повреда на секуларноста, како и дека не побарал од никого да бидат прекршени меѓународните или домашните закони.
Интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши која ја поднесоа пратениците на Левица, е ставена на дневен ред на 13. пленарна седница закажана за утре.
Интерпелацијата за Гаши е заснована на седум точки, образложени на десет страници. Во барањето за интерпелација се наведува дека спикерот Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски, неуставно и неделовнички.
Според Левица, Гаши ја повредил секуларноста на државата кога на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со други присутни извел групна верска молитва.
Како втора причина за барање одговорност од собранискиот спикер пратениците на Левица го наведуваат инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром.
По инцидентот со Османи, во кој учествуваше шефот на обезбедување на собранискиот спикер, кој доби кривична пријава и отстранување од работното место, и од СДСМ побараа итна смена на Гаши.