На еден ден пред средбата кај Пендаровски, политички партии и натаму се со различни ставови околу датумот за парламентарните избори
Утре од 13 часот ќе се одржи лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, инфомираат од неговиот кабинет.
На средбата се поканети претседателите на: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијансата за Албанците, Алтернатива, Движењето Беса и на ДПА, а ќе присуствуваат и претседателот на Собранието, Талат Џафери и техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Како што претходно најавија од кабинетот на Пендаровски, на лидерската средба ќе се разговара за актуелната состојба со коронавирусот и за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, односно за можните термини за одржување на следните парламентарни избори.
На еден ден пред средбата кај Пендаровски пак, политички партии и натаму се со различни ставови околу датумот за избори.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера уште еднаш посочи дека врвот на епидемијата е поминат и дека најоптимален термин за одржување на изборите е средината на јуни.
Опозицискиот лидер пак, Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук посочи дека „според Венецијанската комисија, по завршување на вонредната состојба потребни се 60-тина дена за да се случат предвремени парламентарни избори, или парламентарни избори воопшто“.
Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со принципиелни ставови на лидерската средба дека партијата сака да има избори кои нема да го загрозат здравјето на граѓаните.
Истиот став денеска го пренесе и потпретседателот на партијата Александар Николоски.
Во реакцијата на СДСМ во однос на ставот на Венецијанската Комисија укажуваат дека ставот „започнува со реченицата дека не постои формално правило во меѓународното право кое ќе им забрани на државите да одржуваат избори или референдум дури и за време на вонредна состојба“.
Владејачката ДУИ е на ставот дека за важните одлуки во државата треба да се носат со консензус. Потпретседателката на партијата Теута Арифи, во интервју за 360 степени посочи дека ДУИ е за избори што поскоро, но дека датумот ќе зависи од тоа како ќе се изјаснат надлежните органи и институции кои ја следат здравствената ситуација.
Лидерот ДПА Мендух Тачи денеска посочи дека на избори треба да се оди во јуни, додека Алијансата на Албанците смета дека на гласање треба да се оди кон крајот на јули или почетокот на август.
*Поврзани вести
