Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, денеска соопшти дека епидемиолошката состојба во општината е стабилна, со тоа што нема ниту нови заразени со ковид-19 ниту, пак, хоспитализирани пациенти во општата болница.
„Оваа стабилна состојба треба да ја сочуваме со почитување на препораките, а тоа е изолација за време на полицискиот час, неизлегување од дома без неопходна потреба, одржување физичко растојание, носење заштитна маска. Апелирам доколку некој почувствува симптоми слични на грип или симптоми на ковид-19 веднаш да се јави во општата болница, за понатамошен третман“,
изјави Дука на денешната редовна прес-конференција.
Дука рече дека на седница на општинскиот Оперативен штаб со кој тој раководи се дискутирало и за економските последици од актуелната состојба со пандемијата во двете општини кои еден месец беа во целосен карантин.
„Познато е дека Дебар и Центар Жупа еден месец беа под карантин што предизвика удар врз економијата, посебно бањскиот туризам, хотелиерството, занаетчиството, кафетериите и транспортерите. Ќе се потрудиме да подготвиме општа анализа за тоа колку се нивните загуби и со таа студија ќе побараме од Владата загубите да се покријат“,
рече Дука.
Како проблем тој ја посочи и слабата наплата на сметките кон Јавното комунално претпријатие „Стандрад“ за потрошена вода и подигнат смет, која сега изнесува само 17 отсто.
Побара од домаќинствата и правните субјекти да ги подмират долговите кон јавното претпријатие и на тој начин да се солидаризираат со вработените кои во целиот период се постојано на терен за собирање на сметот и дезинфекција, а продолжуваат непрекинато и со миење на улиците.
