Премиерот Оливер Спасовски и Антонио Кочков на 13 мај ќе бидат повикани да сведочат на рочиштето во кое се обвинети поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, дека се организатори на насилствата од 27 април во Собранието
Во Кривичниот суд денеска сведочеа Михаил Младеновски и референтот за систем и гласање во Собранието Сашко Коцевски. Обвинителката Вилма Русковска по рочиштето изјави дека сведочењето на Младеновски ја покажува инволвираноста на една политичка партија, но и на структурите од полиција, односно структурите во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање. Додека од сведочењето на Коцевски, рече таа, може да се заклучат два апсекта.
„Прво, дека протестите под мотото ‘За заедничка Македонија’ биле директно организирани од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а исто така не толку за тоа дали требало да му даде збор на Зекири Ибраими или на некој друг колку што ме интересираше, односно сакав да слушнат и јавноста и судот, дека во моментот можел Трајко Вељаноски да го исклучи мониторот на говорницата кога тогашниот пратеник Зекири Ибраими започнал да ја пее албанска химна“,
посочи Русковска.
Адвокатот на тројца од обвинетите Еленко Миланов, пак, вели дека несериозно е сведокот Коцевски кој бил дипломиран педагог да толкува деловодник.
„Вториот сведок, според неговите генералии, е дипломиран педагог кој во својата струка постапува со деца во претшколска и осмолетка и тој остана да толкува деловник, што сметам дека е сигурно несериозно. Овој сведок не потврди дека можел да исклучи, затоа што самиот претседател може тоа да го исклучи од 2017, а до 2017 односно пред овие настани тоа можело да биде само преку компјутерскиот центар. Сметам дека апсолутно времетраењето на пеењето на Зекирија, сознанијата што е и како е, не дозволувало таква реакција и со тоа сметам дека ништо не се потврдува“,
истакна Миланов.
Обвинетите се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.