Според полицијата, во тек е сослушување на жртвите и сведоците, а бројни полициски тимови трагаат по сторителот на нападот
Германската полиција денеска објави дека сè уште трага по непознат напаѓач кој на фестивал во градот Солинген во Западна Германија со нож уби три лица и рани осум други, од кои пет се во критична состојба.
Според полицијата, во тек е сослушувањето на жртвите и сведоците, а бројни полициски тимови трагаат по сторителот на нападот.
Трагичниот настан се случил синоќа околу 21:30 часот кога маж по случаен избор бодел минувачи на фестивалот во Солинген по повод 650-годишнината од формирањето на градот. Некои германски медиуми синоќа објавија дека напаѓачот имал „арапски изглед“. Нападот се случи на плоштадот Фронхоф, каде што настапуваа бендови.
Солинген се наоѓа во германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија. Таа е најнаселената провинција на границата со Холандија.
Властите ги откажаа сите настани по нападот, бидејќи фестивалот требало да трае до крајот на викендот. Министерот за внатрешни работи на таа покраина, Херберт Реул, го посети местото на настанот и изјави дека се работи за напад врз човечки животи, но не сакаше да шпекулира за мотивите на нападот.
„Тоа што се случи е страшно. Моите мисли се со жртвите и со членовите на нивните семејства. Сè што можеме сега е да се молиме тешко повредените да го пребродат ова“,
рече министерот.
Германската владата сака да ги заостри правилата за носење ножеви во јавност со ограничување на максималната дозволена должина на сечилото.
Во јуни годинава, 29-годишен полицаец во Манхајм беше избоден до смрт на десничарски митинг од 25-годишен Авганистанец кој живее во Германија од 2014 година.
Во јануари 2023 година, две лица беа убиени, а петмина повредени во напад со нож во воз меѓу Кил и Хамбург, во Северна Германија, од страна на Сириец.
Во напад со нож во 2021 година, 27-годишен маж со арапско потекло избоде неколку патници во возот што се движеше меѓу Регенсбург и Нирнберг.