
И скопскиот трговски центар „Мавровка“ би имал мини-плоштад ако не беа проширените тераси на кафулињата. Тоа може да се посведочи денеска откако беше расчистен шутот од терасата на кафулето „Фонтана“, која целосно изгоре во неодамнешниот пожар.

Првичниот увид по пожарот што се случи на 1 мај покажал дека тој избувнал по краток спој на електричната инсталација меѓу компјутерот и уредот за фискални сметки.

Увид го направија вештак и инспектори од МВР, а тогаш објавивме дека службениците се на терен во скафандери.

Во појдовните фази од истрагата и увидот имаше сомнежи дека пожарот е подметнат и дека е дел од пресметките на две криминални банди кои се случуваат подолго време во Скопје.

Уште повеќе што во февруари 2019 година беа поставени две експлозивни направи кај „Фонтана“, од кои едната експлодираше и предизвика материјална штета на околните дуќани во ТЦ „Мавровка“.

Пожарот во полиција бил пријавен на 1 мај во 1:50 часот по полноќ. Повредени немаше, но целосно изгоре терасата на локалот.

По пријава, Противпожарната единица на Град Скопје ноќта интервенирала со 7 возила и 21 пожарникар.

Денешните фотографии покажуваат дека од тераса на кафулето не остана буквално ништо.
