„Потребна е акција: Еден од вашите контакти е ковид-19 позитивен“.
Ваква порака добиле граѓани, за која од Министерството за здравство денеска истакнуваат дека се работи за невистинита содржина испратена од лажна адреса која наликува на Министерство за здравство.
„Мојот колега ве контактираше порано, но немаше одговор од вас. Прочитајте ги упатствата правилно и проверете дали сте тестирани, бидејќи неуспехот на тоа ќе резултира во апсење и гонење. Ако имате какви било прашања во врска со оваа е-пошта, слободно контактирајте ме во секое време“,
се вели понатаму во пораката која има голем број јазични грешки и е потпишана од извесна д-р Адметос Јовановска.
Во прилог има оставено имејл и телефонски број за контакт, како и адресата на Министерството за здравство.


Од Министерството за здравство посочуваат дека официјалната електронска адреса е: [email protected], а не [email protected] како што стои во лажната порака.
За ова е известен е Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, кој веќе постапува по овој случај.
„Упатуваме апел до граѓаните да не потпаѓаат на оваа манипулација. Ширењето лажни информации, особено во овие кризни времиња, е опасно за здравјето и безбедноста на граѓаните и штетно за целото општество“,
се вели во соопштението од Министерството за здравство.
И министерот за здравство Венко Филипче на социјалните мрежи упати апел да не се потпаѓа на овие манипулации.

