Лидерот на НДП, Весел Мемеди, како што најави, поднесе оставка од функцијата пратеник откако премиерот Зоран Заев предложи разрешување на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, кој доаѓа од редовите на партијата на Мемеди.
„Преку ова писмо упатено до Вас, поднесувам неотповиклива оставка од функцијата потпретседател на Собранието и го предавам мандатот како пратеник што го добив од народот и го враќам повторно кај народот“, пишува во документот потпишан од Весел Мемеди, доставен до архивата на парламентот.
Следна на пратеничката листа на коалицијата Алијанса за Албанците-НДП во шестата изборна единица за изборите во 2016 г. е Арта Точи.
Таа е член на партијата на Зијадин Села и во периодот кога оваа партија беше дел од владата на Зоран Заев, ја извршуваше функцијата заменик-министерка за надворешни работи.