Премиерот Христијан Мицкоски во чест на загинатите порача дека „овие херои со своите животи ја бранеа нашата слобода“
23-годишнината од загинувањето на осуммината припадници на резервниот состав на Армијата, кај месноста Љуботенски Бачила ќе се одбележи на повеќе локации во главниот град Скопје.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводени од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ќе положат венци со цвеќе на спомен обележје на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, а потоа и на спомениците на паднатите бранители во Волково, Љубанци и во касарната „Илинден“.
Делегација од Собранието, во состав – Каролина Насковска и Благој Бочварски ќе положи цвеќе во селото Љубанци.
Премиерот Христијан Мицкоски на социјалната мрежа „Фејсбук“ порача дека „овие херои со своите животи ја бранеа нашата слобода“.
На 10 август 2001 година кај месноста Љуботенски бачила од нагазна мина поставена на патот животот го загубија Томе Бадаровски, Марјанчо Бошковски, Томе Димовски, Ивица Златевски, Бранко Јанев, Раде Јанковски, Томислав Настевски и Гоце Чанкуловски.