Не стивнуваат партиските преписки по вчерашната збунка на СДСМ со кадровските решенија во АД МЕПСО

Прво лажат, па потоа се извинуваат – велат од ВМРО-ДПМНЕ по вчерашната прес-конференција на која портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, објави погрешна информација за кадровските решенија во АД МЕПСО.
„СДС вчера беа фатени како ноторно лажат. Наводниот скандал за директори во МЕПСО пукна во голема срам за таа партија, ниту синот на Ѓорѓе Иванов е директор во МЕПСО, ниту сопругата на водителот Богдан Илиевски. СДС виде дека не им помина лагата, и наместо гнев кај народот за ВМРО-ДПМНЕ предизвикаа дополнително гадење од СДС. Исто како што лажеа вчера за МЕПСО, излажаа и за патувањето на сопругата на Муцунски во Вашингтон, кое не се ни случило“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ возвратија дека единствена партија којa намерно креира лажни вести е ВМРО-ДПМНЕ. Со вчерашното извинување, тие ценат дека одржале лекција како се постапува во случај на ненамерна грешка или превид.
„Сите досегашни информации кои ги објави СДСМ се точни во целост, а ВМРО-ДПМНЕ немаше одговор на ниту една. ВМРО-ДПМНЕ криеше и спинуваше додека конечно не мораа да признаат. Такви се случаевите со луксузните карти и фамилијарните патувања на Мицкоски за САД кои ги криеше како змија нозете, таков е скандалот со министерката Божиновска која исчезна од јавноста откако СДСМ објави дека преку својата компанија должела милион евра на МЕПСО, таков е и скандалот со Игор Јанушев кој на поклон си добил стан од 320.000 евра“,
велат оттаму.
Вчерашната прес-конференција на СДСМ предизвика реакции во јавноста, откако извесен Иван Иванов, назначен за член на надзорниот одбор на МЕПСО, од партијата го помешаа со синот на експретседателот Ѓорѓе Иванов. Понатаму, од СДСМ кажаа дека во МЕПСО е згрижена и сопругата на ТВ-водителот Богдан Илиевски, Анастасија.
Изјавата на Кузеска беше објавена и на веб-страницата на СДСМ, а одговор експресно стигна од ВМРО-ДПМНЕ со демант дека станува збор за сосема други лица, но со исто име и презиме како посочените на прес-конференцијата на Кузеска.
Во меѓувреме од СДСМ ја тргнаа објавата од веб-страницата и испратија соопштение дека направиле превид. Порачаа дека јавно им се извинуваат на лицата споменати на прес-конференцијата.