Како што јави ТВ Телма, пламените јазици се стигнати на околу 600 метри од првите куќи, а во градот се огласија и црковните ѕвона со кои локалното свештенство го алармира населението да биде подготвено за евентуална евакуација
Сите кои можат нека се приклучат во гаснењето на пожарот. Ваква порака преку социјалните мрежи попладнево до жителите на Пехчево упати градоначалникот на овој град во Малешевијата, Александар Китански, откако голем пожар избувна над селото Негрево.

Според информациите, огнот носен од ветерот стигна до градот и се заканува да ги зафати првите куќи.
Како што јави ТВ Телма, пламените јазици се стигнати на околу 600 метри од првите куќи, а во градот се огласија и црковните ѕвона со кои локалното свештенство го алармира населението да биде подготвено за евентуална евакуација.
Китановски од терен информира дека во гаснењето на пожарот има и авионска поддршка, но, како што вели, потребни се многу луѓе и ресурси за справување со огнената стихија која потпомогната од ветерот засега е надвор од контрола, пренесува МИА.
„Повторно голем пожар над село Негрево. Апел до сите кои се во можност да помогнеме да се изгасне пожарот!!!“,
напиша Китански на Фејсбук.
Во друга објава тој бара да се расчистат улиците „Јулија Веселинска“, „Гоце Делчев“, „Пиринска“ и „Буковик“ од возила, за да можат полесно да се движат противпожаните возила кои ќе полнат вода од дворот на Јавното претпријатие „Комуналец“.
Како што јави Телма за гаснење на пожарот се бара помош и од околните општини, а месното население и локални фирми со механизацијата која им е на располагање прават пресеци и обрачи за да се спречи ширењето на огнот.
На терен, според информациите на државната новинска агенција, се наоѓаат екипи на Доброволното противпожарно друштво од Пехчево, пожарникари од Берово, вработени во Јавното комунално претпријатие и од подржуницата на ЈП „Национални шуми“.
Градоначалникот во последната од серијата објави на Фејсбук упати уште еден апел од жителите на градот:
„Водата од водоводот во Пехчево да не се користи за пиење, а никако за наводнување на градините бидејќи се празнат резервоарите на филтерстаницата, а водата е потребна за гаснење на пожарот“.
Ова не е првпат да има алармантен пожар во близина на Пехчево. Пред три години, односно во 2021 година, гореше борова шума над селата Умлена, Робово и Митрашинци. Неколку дена траеше гаснењето на пожарот кој претставуваше закана и за археолошкиот локалитет „Света Петка“.
Гасењето беше отежнато поради непристапниот терен, а откако беше утврдено дека може да се прошири и во Бугарија, бидејќи чад се чувствуваше и во Благоевград, Симитли, па дури и до Сандански, во гаснењето помогнаа бугарски пожарникари.
Тогаш Србија и Словенија помогнаа со хеликоптери, односно возила и пожарникари при гаснењето на пожарите во источниот дел на државата.