За корисниците на ЕСМ цената се намалува за 3,16 отсто, а оние што се снабдуваат со топлинска енергија од топланата „Скопје Север“ се намалува за 1,71 отсто. Најмало намалување на цените има за корисниците на „ЕСМ енергетика“ кое изнесува 0,5 отсто
Од 1 август скопјани ќе добијат намалени сметки за парно греење. Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја соопшти претседателот Марко Бислимоски. Тој вели дека намалувањето на цените за домаќинствата е пресметано без владината субвенција од 12 милиони евра, а доколку субвенционирањето на сметките продолжи тогаш намалувањето на цената би била во износ од 17,35 отсто.
„Во моментов влегуваме во стабилизација кога се во прашање цените на енергенси, генерално, природниот гас се враќа во очекувана нормала и дека нема потреба од субвенции. Субвенциите несомнено помогнаа да се амортизираат ефектите од енергетската криза, претходно и од пандемијата. Ова е одличен период за енергетските компании финансиски да се стабилизираат и консолидираат и да стартуваат со реализација на инвестициски проекти, како и зафати за рехабилитација на инфраструктурата“,
рече Бислимоски.
Покрај намалувањето на цените за домаќинствата, значително намалување на цените ќе има и кај деловните корисници – училиштата, фирмите и комерцијални објекти каде што оние што се поврзани на системот на ЕСМ ќе добијат намалување на цените за 17,3 отсто, кај „Скопје Север“ за 17,22 отсто, а кај оние недомаќинства кои топлинска енергија добиваат од „ЕСМ енергетика“ поевтинува за 40 отсто.

Бислимоски вели дека одлуката е донесена врз основа на тоа што има период на стабилизација на цените на природниот гас и кажа дека по успешното менаџирање на енергетската криза, кога успеале да одржат стабилна цена на топлинската енергија, сега следува период на намалување на цените.
„Ова е второ намалување на цената за недомаќинствата и апелирам сите овие институции да не се исклучуваат од организираниот систем за топлинска енергија кој функционира. Апелирам да се прифатат измените за Законот за градба“,
кажа претседателот на РКЕ.
И покрај тоа што одлуката за намалување на цената е позитивна вест за потрошувачите, Бислимоски вели дека состојбата на терен е загрижувачка и побара од надлежните побрза санација и поставување на цевководот на мостот „Беласица“ кој не е во функција веќе една година, оти иако изминатите зими биле исклучително поволни без голем број на денови со минусни температури, следната грејна сезона треба да ја дочекаме спремни за да нема проблем во квалитетот на топлинската енергија или, пак, зголемени трошоци на целиот систем.
„Да не оставаме на случајности, да бидеме подготвени за следната грејна сезона и за испорака на топлинска енергија и во најекстремни услови со една цел – за завршување на реконструкцијата е што е можно повеќе количини на топлинска енергија да добиваме од ТЕ-ТО која е поевтина за 35 или 36 проценти од енергијата која ја даваат топланите“,
заклучи Бислимовски.

Тој информира и дека одлуката за намалување на цените ќе ја обжалат дел од компаниите кои барале зголемување на цената од 50 отсто, но Бислимоски е сигурен дека нема да има никакви промени.
Инаку, 64 000 скопски домаќинства се поврзани на системот за парно греење, од кои најмногу или 59 000 се на системот на ЕСМ, 1 900 на „ЕСМ енергетика“ и 400 домаќинства на Топлификација „Скопје Север“.