Во соопштението испратено до медиумите по седницата на Владата на 24 јули, пишува дека Ибрахим Ељези, на предлог на Александар Пандов, е именуван за в.д. заменик-директор на КПД „Идризово“ со отворено одделение во Велес. Во соопштението за истата седница кое е објавено на веб-страницата на Владата, ако го отворите денеска, името на Ељези го нема
СДСМ јавно праша како може лице што било во затвор да биде директор на затвор, посочувајќи дека Ељези лежел четири години за недозволена трговија со дрога

Од владината прес-служба реагираат дека СДСМ шири дезинформации затоа што, како што тврдат во писмената реакција, поранешен затвореник не бил назначен за в.д. директор на одделението Велес на КПД „Идризово“.
Од Владата тврдат дека се разгледувал таков предлог, но не бил прифатен.
„Постоеше таков предлог за именување на в.д. заменик на директор на КПД ‘Идризово’, но по направените дополнителни проверки истиот не е прифатен. Лицето нема да стапи на функција, и ќе има ново именување на позицијата на следната седница на Влада“,
се вели во денешното соопштение на владината прес-служба.
На реакцијата на СДСМ за в.д. директорот на одделението Прилеп, пак, од Владата велат дека треба да се почитува пресумцијата на невиност.
„Во однос на директорот на затворот во Прилеп, за секој поединец има пресумпција на невиност, постоењето на кривична пријава без пресуда која е правосилна не е гаранција за сторено кривично дело“,
пишува во реакцијата.
За директор на тој затвор е поставен Емил Јанески, за кого СДСМ реагираше дека има кривична пријава за „несовесно работење“.
Владата се демантира самата себе
Факт е дека на 24 јули, во соопштението од прес-службата испратено до медиумите по седницата на Владата, пишува дека Ибрахим Ељези е именуван за в.д. заменик-директор на Идризово со отворено одделение во Велес.

Ова е содржано и во веста базирана на владиното соопштение што ја објави „360 степени“ тој ден (на линкот подолу).
Но, ако денеска го отворите соопштението за оваа седница кое е објавено на владината веб-страница, името на Ељези не постои.

Што соопштија од СДСМ
Претходно денеска, од СДСМ, преку советникот во О. Битола, Методија Илиевски, реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски до толку немаат кадри за институциите, што луѓе што лежеле затвор, со кривични пријави, ги ставаат за в.д. директори на затвори.
Илиевски рече дека со одлука на Мицкоски, осуден криминалец кој лежел четири години затвор е именуван за в.д. заменик-директор на затворот „Идризово“, одделение Велес.
„Ибрахим Ељези е осуден и лежел четири години затвор, од 2013 година до 2017 година во ‘Идризово’. Кривичното дело за коешто бил осуден е за неовластено производство и пуштање во промет на дрога. Сега истиот овој човек Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го ствааат директор на затвор КПД ‘Идризово’, одделение Велес? Ова не е нормално. Па, како може осуден криминалец да биде одговорен за затвор?“,
рече Илиевски на прес-конференција.