Во земјотресот животите ги загубија 1 070 лица, околу 3 000 беа повредени, а над 200 000 останаа без покрив над главата. Веднаш по трагедијата на Скопје следуваше мобилизација на меѓународните организации и држави во светот за помош на настраданиот град и неговите жители
Со изложби и филмски проекции денеска во Скопје ќе биде одбележана 61. Годишнина од катастрофалниот земјотрес што го погоди главниот град на земјата на 26 јули 1963 година.
На овој ден пред 61 година, скопјани ги разбуди најголемата природна катастрофа што му се случи на градот во неговата современа историја, кога точно во 5:17 часот земјата под Скопје се стресе со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала.
Во земјотресот животите ги загубија 1 070 лица, околу 3 000 беа повредени, а над 200 000 останаа без покрив над главата.
По повод одбележувањето на годишнината, вечерва во 20:30 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата под наслов „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“, чиј автор е Зоја Богдановска – кустос, советник и историчар во Музејот.
Исто така, вечерва во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани кратки македонски филмови посветени на скопскиот земјотрес. Спотед програмата, проекциите почнуваат во 20:30 часот, а ќе бидат прикажани пет кратки филмови – „Школите и универзитетите во скопската катастрофа“, „Писмо од Скопје“, „Проштевање“, „Скопје“ и „Катастрофа, страдање, надежи“.
Во Музејот на современата уметност, во сеќавање на катастрофата, во 21 часот во рамките на Летното кино под тремот на Музејот, ќе биде прикажан експерименталниот документарен филм „Екран за Скопје“ (1988, 31’) на полската филмска режисерка, актерка и продуцентка Малгоржата Потоцка.
Катастрофалниот земјотерс во Скопје се случи во 5 часот и 17 минути, а помали потреси се регистрираа до 5 часот и 43 минути. Во потресот беа урнати 15 800 стана, а оштетени 28 000.
Веднаш по трагедијата на Скопје следуваше мобилизација на меѓународните организации и држави за помош на настраданиот град и неговите жители. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат достава на храна, а Интерпарламентарната унија побара од сите парламенти и влади на земјите во светот да помогнат во обновата на градот.
Хуманитарни организации од многу земји во светот пристапија кон собирање помош за Скопје, а Обединетите нации презедоа активности за планска и долгорочна помош на разурнатиот град.
Околу два месеци по катастрофата, поточно на 23 септември 1963 година, 35 земји побараа Генералното собрание на Обединетите нации на дневен ред да стави точка за преземање мерки по земјотресот, по што на 27 септември Генералното собрание ѝ даде приоритет на меѓународната акција за обезбедување помош на Скопје.
На 14 октомври ова тело на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на владата на тогашна Југославија, во рамките на која беше нашата држава, за реконструкцијата на Скопје. Во дебатата, свои излагања имаа претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден во аналите на Обединетите нации остана како ден на Скопје.
Во својата долга историја, Скопје бил „жртва“ на уште неколку силни земјотреси кои го уништувале градот, но тој успеал повторно да се подигне и прероди од пустошот што го предизвикале овие природни катастрофи. Историјата ги бележи земјотресот од 518 година, кој катастрафално го уништил тогашниот град Скупи, уривајќи 24 градски тврдини. Наредниот катастрофален земјотрес, пред оној во 1963 година, се случил во 1555 година, кога градот бил целосно разурнат по вторпат.