При контролите констатирана е и работа на објекти – оператори со храна, кои не се регистрирани или одобрени за работа од Агенцијата за за храна и ветеринарство (АХВ)
Поради високите температури, во сила останува мерката за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на земјава, велат од АХВ

По засилени контроли во туристичките центри Охрид, Струга, Дојран и Преспа, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека минатата недела се уништени 8,7 тони небезбедна храна.
Контролите биле направени во вкупно 112 објекти и тоа хотели, ресторани, времени – кетеринг објекти, месарници и маркети. Се проверувале и условите во кои се чуваат и складираат производите, како и роковите на употребливост на храната.
„Изречени беа 54 глоби на 54 оператори со храна, од кои на 8 оператори со храна им беше изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности. Со контролите утврдено беше неисполнување на општите и посебните хигиенски барања во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храна, неимплементирање на сите процедури на ДПП/ДХП базирани на НАССР-принципите, храна со поминат рок на употреба, промет на храна без декларација и означување согласно Законот за безбедност на храна и подзаконските акти според кои ваквите производи се прогласуваат за небезбедни за човечка употреба и нештетно се уништуваат“,
соопшти АХВ.
При контролите констатирана е и работа на објекти – оператори со храна, кои не се регистрирани или одобрени за работа од надлежната Агенција.
„Изречени беа мерки забрана за работа, а затекнатите производи беа забранети за промет и нештетно уништени. Утврдени беа и лоши инфраструктурни и хигиенски услови во кујните, производствените простории, за што некои оператори добија времена мерка забрана за работа. Од промет беа отстранети 8 700 килограми небезбедна храна која беше нештетно уништена“,
се вели во соопштението на АХВ.
Оттаму додаваат дека во наредниов период ќе има вонредни контроли и во други туристички центри. Поради високите температури, во сила останува мерката за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на земјава.