Зборовите погоре се само дел од реакцијата на Државната комисија за спречување на корупцијата откако деновиве се дозна дека сите членови на ДКСК побарале дипломатски пасоши, а како што за „360 степени“ потврдија од Агенцијата за управување со одземен имот, барале и службено возило или возила
Ваквите чекори на новиот состав на ДКСК повлекоа споредби со претходниот кој никогаш не побара ниту дипломатски ниту службени пасоши, додека двете службени возила кои ги затекнале во институцијата при изборот ги вратиле во Службата за општи и заеднички работи за да ги намалат трошоците. Поранешната претседателка, Билјана Ивановска, одеше на работа со велосипед
Само и единствено преку факти ќе ја презентираме успешноста на нашата работа, наспроти популизмот наметнат во јавноста. Така велат од Државната комисија за спречување на корупцијата во денешното соопштение до јавноста, кое е реакција на сознанијата и критиките во јавноста дека антикорупционерите побрзале да добијат дипломатски пасоши, а барале и службени возила, нешта кои никогаш не ги побараа нивните претходници.

„Новиот состав нa ДКСК мандатот го започна пред пет месеци односно на 8 февруари 2024 година. Досега и тоа во речиси тримесечен изборен период на двојни избори се затворени:
– 21 предмет од областа на судир на интереси;
– точно 61 предмет од областа на спречување на корупција;
– како и 107 предмети од следење на имотна состојба.
На седницата која е закажана во среда на 24 јули, ке бидат разгледувани околу 150 предлог-одлуки по оформени предмети од новиот состав на ДКСК.
Дополнително, започнати се и активно се постапува на точно 103 постапки за прекршоци предвидени во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси“,
соопштија од ДКСК.
Контранапад
И до тука соопштението на ДКСК навистина се занимава со бројки. Но, потоа продолжува со нетипичен и ретко слушнат и прочитан тон за една институција.
Прво, цел на напад е поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска. Таа деновиве даде изјави за различни медиуми, кои ја бараа за реакција по информациите дека нејзините колеги-наследници барале дипломатски пасоши и службени возила. Ивановска, на пример, за ТВ Телма изјави:

„Кога започна нашиот мандат, затекнавме две службени возила кои веднаш ги вративме во Службата за општи и заеднички работи. На членовите на Комисијата коишто доаѓаат од други градови им признавме трошоци во висина на автобуска карта. Значи, точно, Нури Бајрами секој ден патуваше од Гостивар до Скопје и користеше трошоци во висина на автобуска карта. Исто, Шемси Салаи, исто Катица Николовска. Но, за оние денови за коишто беа присутни на работа“,
изјави Билјана Ивановска за ТВ Телма.
Тоа што претходниот состав на ДКСК штедел пари на граѓаните, според сегашните антикорупционери, е популизам.
„Сметаме дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети од претходниот состав на ДКСК. Дополнително, поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба, бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат ѝ беа прифатени исклучително мал број иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство.
Иако според претходниот состав на ДКСК тоа се должеше на несоодветната работа на Јавното обвинителство, можеби причините треба да се бараат во немањето доволно аргументи, површноста и квалитетот на иницијативите“,
соопштија од ДКСК.
Критики за проактивниот и отворен стил кон јавноста на Билјана Ивановска имаше и во минатото, па таквите оценки и од страна на актуелниот состав не се новост. Проверката на факти не оди во прилог на тврдењето на новата комисија – дека Јавното обвинителство прифатило само мал број предмети поради нискиот квалитет на работа на претходниот состав.
Во јануари 2022 година „360 степени“ објави дека според анализата за дводецениската работа на ДКСК од нејзиното основање во 2002 година, институцијата испратила 165 иницијативи за кривично гонење до Јавното обвинителство. Само три дошле до суд. Така што, или ниту еден состав не знаел да работи или јавните обвинителства не ја „фермаат“ ДКСК, независно кој е член или претседател.
Кој го избра актуелниот состав на ДКСК
Следниот аргумент кој во своја одбрана го користи ДКСК во денешното соопштение е дека тие биле избрани со консензус од сите политички партии и дека Собранието е првото место за контрола и оценка на нивната работа.
Во овој дел, дури и најавуваат дека ќе бараат постапување на надлежните институции отако извршиле внатрешна ревизија.
„Како врвни професионалци во својата област ние сме избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија со консензус од сите политички партии и Собранието е првото место за контрола и оценка на нашата работа, а јавноста секогаш ќе биде навремено информирана за нашата работа. Во оваа насока, а наспроти популизмот, наскоро на јавноста ќе ѝ го презентираме извештајот за извршената внатрешната ревизија на институцијата, при што ќе побараме од сите надлежни институции да постапат согласно своите законски надлежности“,
велат од ДКСК.
За резултатите од ревизијата ќе мора да се почека најавениот извештај. Но, изјавата за начинот на избор на членовите на ДКСК не е докрај точна.
Вистина е дека гласањето за членовите на ДКСК го прават пратениците, но тие гласаат по листа која претходно ја прави комисија за селекција на кандидати. Таа е составена од пратеници на власта и опозицијата во Собранието, двајца претставници на граѓанскиот сектор и претставник на народниот правобранител.
Кој колку бодови даде, на пример, за актуелната претседателка на ДКСК? Максимални 100 бода дадоа сите четири претставници на политичките партии, висок број на бодови даде и заменик-народниот правобранител. А членовите од граѓанскиот сектор ѝ доделиле по само 20 бода, што значи дека имале ниско мислење за неа.

Така беа избрани сите членови. Партиите и народниот правобранител дадоа високи оценки токму за кандидати за кои граѓанскиот сектор немаше високо мислење. Со други зборови, иако изборот е смислен да се изберат најдобрите можни кандидати, на крај, се избраа кандидатите за кои си се договорија политичките партии.
Како беа избрани другите членови на ДКСК, од линкот подолу.
По објавувањето на ранг-листата на кандидатите за следниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), членката на Комисијата за селекција Снежана Камиловска-Трповска преку допис до медиумите соопшти дека има издвоено мислење во однос на утврдената листа во кое посочува на, според неа, необјективно и оркестрирано гласање на другите членови на Комисијата.
„Изненадува како останатите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето на кандидатите да одговорат на директни прашања за општествени состојби како процесот на заробеност на државата, високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската комисија за 2023 год., прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл. Дополнително, кандидати кои манифестираа одлични познавања од областа, спремност за директен и недвосмислен одговор и со одлични компетенции, не беа добро оценети од страна на другите членови, со што им се оневозможи да се борат за позиција претседател и член на ДКСК“,
изјави тогаш Снежана Камиловска-Трповска.
ДКСК знае подобро од МНР – дали имаат право на дипломатски пасоши
Назад на соопштението на ДКСК. Следна на „отстрел“ е темата за дипломатските пасоши. Од институцијата велат:
„Во однос на темата од интерес на јавноста во однос на поседување на дипломатски пасоши, го цитираме Законот за патните исправи на државјани на Република Северна Македонија, или прецизно делот од член 11, во кој се вели:
‘Дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници и раководни работници во државни органи; на дипломатско-конзуларни службеници вработени во Министерството за надворешни работи или упатени на работа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство…'”,
соопштија од ДКСК.
Потоа продолжуваат дека членовите на ДКСК се избрани во Собранието, дале свечена заклетва, па според тоа дипломатски пасош им следува.
„Дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на ДКСК и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цели“,
соопштија од ДКСК.
Но, вчера, „360 степени“ обезбеди став од Министерството за надворешни работи. Од таму јасно кажаа – дипломатски пасош не им следува на членовите на ДКСК. Потврдија дека побарале сите и дека дипломатски пасош ѝ е даден само на претседателката.
„Во текот на месец април од страна на Државната комисија за спречување корупција до Министерството за надворешни работи доставено е барање за издавање на седум дипломатски пасоши за претседателот и членовите на Комисијата.
Факт е дека членовите на оваа Комисија не влегуваат во категоријата на лица кои согласно со законот имаат право на дипломатски патни исправи, но истовремено, на одредени категории, доколку министерот процени дека има потреба, Министерството за надворешни работи има право да издаде дипломатска патна исправа.
На предметното барање од страна на тогашниот министер за надворешни работи, позитивно е одговорено само за едно лице, односно за претседателот на ДКСК.
Во однос на останатите членови на ДКСК, министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да биде донесена соодветна одлука, односно дали постојат оправдани причини и тие да добијат дипломатски патни исправи“,
ни одговорија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Со други зборови, ДКСК и натаму толкува дека мислењето и толкувањето на законот на надлежното министерство не е точно. Туку дека е точно нивното.
ДКСК и натаму негира дека барале службени возила
Синоќа, „360 степени“ објави дека Антикорупциска побарала службени возила од две институции – од Владата и од Агенцијата за управување со одземен имот. Од Владата дообјаснија дека привремено им биле давани возила од Службата за општи и заеднички работи, врз основа на претходно потпишан договор. Тоа не е невообичаена пракса за институции кои немаат возила, но во исто време таквата услуга се плаќа и не е евтина.
А од Агенцијата за управување со одземен имот ни потврдија дека ДКСК во два наврати барале автомобили. Првиот пат барале еден автомобил, дошле, разгледале и не бендисале ништо, па решиле да почекаат. Кога побарале по втор пат, им одговориле дека не можат да им доделат возила бидејќи немаат функционален управен одбор.
„Агенцијата за управување со одземен имот, по добивањето на барањето од ДКСК за отстапување на возило за потребите на ДКСК, стапи во контакт со вработените од ДКСК за да погледнат возила коишто можат да им послужат од расположивите возила во Агенцијата кои се одземени со правосилна пресуда и коишто можевме да им ги отстапиме. Но, за жал, од понуденото коешто го имавме, ним не им се допадна ништо кое би им било од корист и рекоа дека ќе чекаат нови возила одземени со нови правосилни пресуди. При повторното барање кое истите го поднесоа беше период на техничка влада. Управен одбор не функционираше, а без Управен одбор не може да се донесат одлуки за отстапување на возила, ниту, пак, да ги проследиме до Влада. Агенцијата и во моментов не е во можност да постапува по барањата за отстапување на возила од причина што Собранието донесе нов Закон за постапување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, според кој треба да се конструира нов Управен одбор кој би донесувал одлуки, меѓу кои и одлуки за отстапување возила, со што Агенцијата би продолжила со своето редовно работење“,
одговорија од Агенцијата за „360 степени“.
Во средата, во интервју за ТВ24, претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, тврдеше дека не барале никакви автомобили. Во денешното соопштение, ако се чита внимателно, ДКСК го менува ставот со тоа што вметнуваат зборови – дека никогаш не барале службени автомобили за самите членови на комисијата.
„Што се однесува до темата службени автомобили, одговорно изјавуваме дека до ниту една државна институција никогаш не е испратено барање за доделување на службени автомобили на членовите на ДКСК вклучувајќи ја и претседателката Димитровска. Во рамките на ребалансот на Буџетот на РСМ, ДКСК не побарува финансиски средства за купување на автомобили.
ДКСК како институција има потреба од службени возила и за истите ќе се бара соодветно решение, но потенцираме, ниту се побарани, ниту ќе бидат барани одделни возила за членовите на ДКСК“,
соопштија од ДКСК.
Патем, претходниот состав на ДКСК немаше службени автомобили ниту за членовите ниту за службите.