Од МНР за „360 степени“ велат дека на членовите на ДКСК не им следуваат дипломатски пасоши, а дека претседателката го добила по проценка на претходниот министер Бујар Османи. Одговорот од МНР е спротивен на завчерашната изјава на шефицата на ДКСК, Татјана Димитровска, дека ѝ следувал дипломатски пасош
Во истиот јавен настап, Татјана Димитровска кажа и дека не е точно оти барале службени возила. „360 степени“ доби одговор од две институции кои го тврдат спротивното. Владата и Агенцијата за управување со одземен имот имале и имаат барања за службени возила од Антикорупциска
На средината на работната недела што изминува, на ТВ 24 настапи претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска. Таа, заедно со уште шест члена, е на функција петти месец. Речиси целото интервју беше за актуелни случувања. Како, на пример, дали утврдиле со чии пари патувал во Вашингтон поголемиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој отиде во САД за Самитот на НАТО и за други државнички активности.

Како што се ближеше крајот на интервјуто, фокусот на прашањата се промени – од надлежностите на ДКСК кон нивните привилегии. Дали и зошто ДКСК барале дипломатски пасоши кога нивните претходници ги немаа? Дали и зошто ДКСК барале службени возила кога нивните претходници ги немаа?
Претседателката одговори на сите прашања. Но, според одговорите што во меѓувреме ги добивме од три институции, не ја говореше вистината. Или барем не целата вистина.
Не е вистина дека ДКСК не барале службени автомобили
Прашањето за службените возила на новинарката Билјана Секуловска, која го водеше интервјуто со Димитровска, беше следно:
„Има информација дека сте побарале седум автомобили?”
Претседателката на ДКСК одговори директно и јасно:

„Не, не е точно тоа. Автомобили воопшто не се побарани. Можете тоа да го видите и со Буџетот. Односно, со бараните средства, со ребалансот којшто е доставен до Министерството за финансии, којшто ќе биде достапен. Возила седум никогаш не се побарани“.
Уште пред ова интервју на Димитровска, „360 степени“ работеше на проверка на информациите дека од ДКСК барале службени автомобили. Одговорите до кои дојдовме се дека од ДКСК барале службени автомобили – и според Владата и според Агенцијата за управување со одземен имот.

Во Агенцијата прашавме дали имаат донесено одлука за доделување запленети возила на ДКСК по барање на институцијата и, ако е одговорено позитивно, колку возила им доделиле?
Ни одговорија дека добиле барања во два наврати. Првиот пат Антикорупциска барала едно возило, по што добиле покана да ги разгледаат возилата, но не бендисале ништо. Вториот пат, Агенцијата не била во можност да им додели возила бидејќи нема функционален управен одбор.
„Агенцијата за управување со одземен имот, по добивањето на барањето од ДКСК за отстапување на возило за потребите на ДКСК, стапи во контакт со вработените од ДКСК за да погледнат возила коишто можат да им послужат од расположивите возила во Агенцијата кои се одземени со правосилна пресуда и коишто можевме да им ги отстапиме. Но, за жал, од понуденото коешто го имавме, ним не им се допадна ништо кое би им било од корист и рекоа дека ќе чекаат нови возила одземени со нови правосилни пресуди. При повторното барање кое истите го поднесоа беше период на техничка влада. Управен одбор не функционираше, а без Управен одбор не може да се донесат одлуки за отстапување на возила, ниту, пак, да ги проследиме до Влада. Агенцијата и во моментов не е во можност да постапува по барањата за отстапување на возила од причина што Собранието донесе нов Закон за постапување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, според кој треба да се конструира нов Управен одбор кој би донесувал одлуки, меѓу кои и одлуки за отстапување возила, со што Агенцијата би продолжила со своето редовно работење“,
одговорија од Агенцијата за „360 степени“.
Дополнително, од Агенцијата за управување со одземен имот велат дека би сакале да ѝ помогнат на ДКСК, особено поради улогата на институцијата. Истакнуваат и дека само во изминатава година имаат отстапено повеќе од 200 возила на државни институции.

По одговорот од Агенцијата за управување со одземен имот, се обративме до Владата. Прашавме – по колку возила им барала ДКСК и дали Владата размислува да ги задоволи барањата, бидејќи во моментов Агенцијата за управување со одземен имот не може да обезбеди конфискувани возила. Ова е интегралниот одговор:
„ДКСК има валиден договор за вршење на општи и заеднички работи и услуги за 2024 година со СОЗР согласно кој има можност за вршење превоз за моторни возила за службени потреби. Врз основа на договорот за општи и заеднички работи и услуги за 2024 година склучен со СОЗР, ДКСК во последните неколку месеци има побарано по две возила во три наврати, а едно возило за последното барање. Согласно договорот, услугата за превоз е со надоместок односно со фактурирање.
Во однос на второто прашање, Владата досега не расправала за таа точка“.
Сумирано, ДКСК барала и користела службени возила. Не е познато за која намена.
МНР: Не следува дипломатски пасош на членови на ДКСК
Да се вратиме на интервјуто на Татјана Димитровска. Откако одговори на прашањето за возилата, доби прашање – дали е точно дека членовите на ДКСК барале дипломатски пасоши. Во дискусијата на потпрашањата кои следуваа, таа одговори дека таков документ им следува, врз основа на тоа што биле функционери избрани од Собранието.
Еве го изворно тој дел од разговорот:
ТВ 24: Дипломатски пасоши?
Димитровска: Дипломатски пасош е побаран.
ТВ 24: За кого?
Димитровска: За членовите на комисијата. И обезбеден е само за мене како претседател на комисијата.
ТВ 24: Ви следува?
Димитровска: Следува.
ТВ 24: По која основа?
Димитровска: Следува по основа на функционер избран од парламентот, во точка 11 од упатството коешто ги уредува. Зошто е побарано дипломатски пасош? Бидејќи, тоа не значи злоупотреба за приватни цели. Побаран е од причина што сме често поканети и на настани во други држави и, сепак, имаат приоритет некаков на одредени настани заради навремено пристигнување.
ТВ 24: Велите, во множина, дека сте канети?
Димитровска: Зборувам… да, не само јас, поканети се и останатите членови. Меѓутоа, за нив нема ни одговор дали ќе има. Доставено е барање, тоа си е легитимно право на секој член да си побара. Има институција којашто ќе цени и одобри дали следува или не следува.
„360 степени“ се обрати со неколку прашања и до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во суштина, кој побарал, кому му е одобрено и дали им следува.

Ни одговорија дека побарале сите членови на ДКСК. Дека не им следува. И дека дипломатски пасош добила само претседателката, врз основа на лична проценка на тогашниот министер (Бујар Османи, н.з.)
„Во текот на месец април од страна на Државната комисија за спречување корупција до Министерството за надворешни работи доставено е барање за издавање на седум дипломатски пасоши за претседателот и членовите на Комисијата.
Факт е дека членовите на оваа Комисија не влегуваат во категоријата на лица кои согласно со законот имаат право на дипломатски патни исправи, но истовремено, на одредени категории, доколку министерот процени дека има потреба, Министерството за надворешни работи има право да издаде дипломатска патна исправа.
На предметното барање од страна на тогашниот министер за надворешни работи, позитивно е одговорено само за едно лице, односно за претседателот на ДКСК.
Во однос на останатите членови на ДКСК, министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да биде донесена соодветна одлука, односно дали постојат оправдани причини и тие да добијат дипломатски патни исправи“,
ни одговорија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Претходната ДКСК немаше ниту службени коли ниту дипломатски пасоши
Користењето службени возила и дипломатски пасош е една од привилегиите во кои уживаат функционерите, доколку одлучат да ја искористат таа привилегија. Очекувањата од членовите на Антикорупциска, иако се функционери, се поинакви. По дефиниција, тие треба да се борат против злоупотребите на службената положба, па дури и да не е забрането, јавноста од нив очекува скромност.

Па, неминовно, се наметна споредбата какви привилегии користеше доскорашниот состав на ДКСК, а какви сегашниот. ТВ Телма објави изјава на поранешната претседателка Билјана Ивановска, која вели дека не користеле ниту службени возила ниту имале дипломатски пасоши.
„Кога започна нашиот мандат, затекнавме две службени возила кои веднаш ги вративме во Службата за општи и заеднички работи. На членовите на Комисијата коишто доаѓаат од други градови им признавме трошоци во висина на автобуска карта. Значи, точно, Нури Бајрами секој ден патуваше од Гостивар до Скопје и користеше трошоци во висина на автобуска карта. Исто, Шемси Салаи, исто Катица Николовска. Но, за оние денови за коишто беа присутни на работа“,
изјави Билјана Ивановска за ТВ Телма.
Ивановска, како жителка на Скопје, често можеше да се види по улиците на главниот град со велосипед кој ѝ беше и се уште ѝ е главно транспортно средство.
А во странство, вели во изјава за ТВ Телма, користеле јавен превоз.
„Да ви кажам дека на ниту еден колегиум од нашата комисија не било на дневен ред прашањето за барање на дипломатски пасош, ниту мене како претседателка, ниту за останатите членови. Значи, тоа никогаш не сме го ни помислиле. Точно е дека имаше патувања, минатата година особено, некаде околу 20 пати ни се собраа одења во Брисел бидејќи Државната комисија беше вклучена во скрининг-процесот буквално во сите поглавја. Значи, има патувања, меѓутоа си одиш нормално, со пасоши се пријавуваш и така натаму. Користиш железнички превоз, јавен превоз во државата и така натаму“,
изјава Билјана Ивановска за ТВ Телма.