Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, при најавата на ребалансот на Буџетот изјави дека затекнала состојба која значи држава во хаос и долгови. Ден претходно, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека ќе има истраги за тоа што и како е трошено
Доскорешниот вицепремиер Фатмир Битиќи возврати со теза дека обвинувањата се манипулација за да не се оствари покачувањето на платите, нарекувајќи го ребалансираниот Буџет како еден од најсмешните што ги видел. Битиќи смета дека се изиграни и пензионерите
Еден од најскандалозните буџети. Тоа е оценката на доскорешниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, за ребалансот кој го најави новата Влада. Своите ставови ги даде при гостувањето на ТВ21.

„Буџетот е еден од најсмешните буџети што сум ги видел. Можност да се манипулира мислењето, дека се работи за интерес на граѓаните, но всушност не е затоа што нема пари за плата, за покачување на платите. Што ќе значи дека сите колективни договори што се направени ќе бидат отповикани. Во образованието, здравството, Министерството за внатрешни работи, Армијата, сите овие сектори имаат намалување на ресурсите или јасен знак дека нема да се обезбеди зголемување на платите“,
рече доскорешниот вицепремиер, а сега пратеник од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи.
Во гостувањето, Битиќи се осврна и на ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе ги покачи линеарно сите пензии за 5 000 денари во следната година, но во два одвоени наврати од по 2 500 денари.
Во моментов, според закон, пензиите се покачуваат, односно усогласуваат, два пати годишно. Еднаш на 1 март, а потоа и на 1 септември. Усогласувањето се врши согласно порастот на индексот на трошоците на живот и просечно исплатената плата во земјата, во полугодието што му претходи на усогласувањето.
„Дефинитивно ќе имаше покачување во септември, бидејќи ќе имавме усогласени пензии. Јавно кажувам дека дел од категоријата пензионери всушност ќе добијат, можеби на нивната сметка 2 500 денари, но разликата од она што би го добиле и онака, и тоа што го добиваат денеска е 1 000 денари, за некои категории, за некои пензионери разликата е нула“,
рече Битиќи.
Со ребалансот, Владата најави дека ќе го зголеми буџетот од сегашните 5,58 милијарди евра, на 5,8 милијарди. Министерката за финансии изјави дека морало да се направат прераспределби на повеќе позиции бидејќи претходната власт мислела само на првите шест месеци, до изборите.

„Лошата состојба во буџетот ги надмина и нашите очекувања. Во овој краток период додека се подготвуваше ребалансот отворив многу прашања, но добив и многу непријатни изненадувања. Ветив дека ќе бидам искрена пред граѓаните. Затекнуваме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет кој е список на желби и предимензионрани плаќања, наместо креиран развој“,
рече министерката за финасии.
Зголемувањето на Буџетот, значи и зголемување на буџетскиот дефицит, односно парите кои државата планира да ги потроши, а нема од каде да ги обезбеди. Додека власта се правда дека чекорот е практично принуден, уште еден доскорошен функционер на СДСМ, екс-директорката на УЈП Сања Лукаревска, возврати дека не фали ниту еден денар во Буџетот.

„Не е точно дека нема пари, ниту дека не се знае каде се. Обвинувањата дека инситуциите ќе се занимаваат со ова се паушални. Причината за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е очигледна – да создаде перцепција дека СДСМ направил хаос и граѓаните да се помират дека нема пари за нив. А второ, да се создаде алиби за кредитот од Унгарија. Ова е финансиски колапс во најава.
Парите не се предвидени затоа што бевме во изборен процес и не сакавме да направиме изборен поткуп како што тоа се правеше во минатото од страна на политичкиот опонент. Во секој ребаланс после избори е нормално да се прераспределат средства, а плати за вработени во јавен сектор никогаш не се доведуваат во прашање“,
рече Лукаревска.