Премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук објави дека имал средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, на кои се зборувало главно за соработката меѓу земјите
Премиерот ја предводи владината делегација на четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница, што се одржува во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток
Пријателска средба со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, во Лондон на Самитот на европската политичка заедница, напиша на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски и објави фотографија од средбата додавајќи дека разговарале за продлабочување на соработката, како и за мирот и стабилноста на регионот.

„Добрососедските односи се клучен фактор за просперитет и развој на земјите од Балканот и во тој контекст се договоривме наредниот период да продолжиме со добрата комуникација помеѓу двете земји. Економијата и трговската размена, како и подобрување во инфраструктурното поврзување помеѓу Македонија и Србија треба да бидат значаен фактор кон развивање на двете земји“,
напиша Мицкоски.
Тој, исто така на Фејсбук, објави дека на маргините на Самитот во Лондон, се сретнал со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, со кого разговарал за евроинтеграцискиот пат на Македонија и идните чекори на Унгарија како претседавач со Европската Унија.

„Добрите билатерални односи помеѓу двете земји ќе продолжат во насока на зајакнување на полето на економијата и енергетиката. Исто така се заблагодарив за досегашната поддршка и соработка од страна на Унгарија. Продолжуваме посветено да работиме за интересите на граѓаните“,
објави Мицкоски.
Претходно Мицкоски објави дека се сретнал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кому му изразил недвосмислена поддршка од Македонија кон Украина и украинскиот народ и му кажал дека во иднина можат да сметаат на нашето пријателство.
Премиерот ја предводи владината делегација на четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница, што се одржува во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток.
Во состав на делегацијата се и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.