Од СДСМ побараа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски веднаш да ја објави листата на сите кои на државен трошок патувале за Вашингтон, а од премиерот Мицкоски, пак, да ги покаже приватните сметки како доказ дека од сопствен џеб го платил патувањето на својот син во Соединетите Американски Држави
Откако првично ја поставија дилемата дали постариот син на премиерот Христијан Мицкоски отпатувал со македонската делегација во Вашингтон на држвна сметка, од опозицискиот СДСМ сега прашуваат дали и сопругата на шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, исто така, патувала во САД заедно со нив.

„Според инфомрациите кои ги пласираат дел од медиумите, сопругата на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, исто така, патувала за Вашингтон. И за ова како и за претходниот скандал, молк од Владата и МНР за тоа дали и таа била на државен трошок. МНР никогаш не ги објави имињата на целата делегација и сега станува јасно зошто е тоа така. Очигледно е дека одењето за Вашингтон имало за цел да се исетараат фамилијарни одмори, а не да се тера дипломатија“,
велат од СДСМ оценувајќи оти НАТО-самитот бил дипломатски дебакл за македонската делегација оти приоритетите биле други.
Од СДСМ побараа Муцунски веднаш да ја објави листата на сите кои на државен трошок патувале за Вашингтон, а од премиерот Мицкоски, пак, да ги покаже приватните сметки како доказ дека од сопствен џеб го платил патувањето на својот син во Соединетите Американски Држави.
„И тој се крие веќе трети ден и ништо не кажува на темата а граѓаните чекаат одговори. Ова ли се луѓето кои обвинуваат за душманско трошење на парите од Буџетот? Ова ли се луѓето кои ветуваа транспарентност и отчетност? Се кријат и молчат и со тоа јасно докажуваат дека се криви“,
додаваат од Социјалдемократскиот сојуз.ќ
На крајот од писменото соопштение партијата додава оти располага со уште скандали во врска со патувањето во Вашингтон за кои вели деке ќе ги објави наскоро.
Инаку, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) неделава отвори предмет по допрен глас за патувањето на Јован Мицкоски, постариот син на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон, САД за време на одржувањето на НАТО-самитот. Претседателката на Антикопциска, Татјана Димитровска, денеска во изјава за „360 степени“ негира дека трпат притисоци за отворената истрага во врска со патувањето на синот на Мицкоски во САД.