Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи вечерва изјави дека Макеоднија утрешниот Ден на Европа – 9 мај за прв пат ќе го прослави со одлука за почеток на преговорите со ЕУ, нешто што, како што рече, претставува наша аспирација од самото осамостојување на земјата.

Секретаријатот за европски прашања (СЕП) вечерва организираше мини концерт, на кој присуствуваа евроамбасадорот Самуел Жбогар и хрватската амбасадорка Нивес Тигањ.
„Солидарноста и донесе на ЕУ 70 години мир и просперитет. Солидарноста го обедини континентот. Солидарноста, исто така, ја изведува Европа од сегашните кризи. Деновиве сум особено горд што сум европеец и што ја претставувам ЕУ во вашата земја. Конечно ќе можеме да го поттикнеме вашето патување кон подобрата иднина во Европската унија. Солидарноста на ЕУ и нејзините земји-членки за вас и регионот за време на кризaтa одговара на сите дилеми што се слушаа со години. Каков е ставот на ЕУ кон регионот. Одговорот е дека сите сме едно семејство“,
рече Жбогар.
Амбасадорката Тигањ истакна дека посебно се радува што Северна Македонија конечно доби одлука за отворање на пристапните преговори со ЕУ.
„Тоа е резултатот на вашата јасна определба за членство во Унијата, вашата истрајност на долгиот пат и вашата посветеност во исполнување на обврските“,
рече Тигањ, додавајќи дека Хрватска цело време се залагала неправдата што и беше нанесена на земјава да биде исправена.
