Во демократските држави нема место за политичко насилство – порача претседателката
Шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова го осуди обидот за атентат врз поранешниот американски претседател и кандидат за нов мандат, Доналд Трамп.

Претседателката порача оти во демократските држави нема место за политичко насилство.
„Длабоко сум загрижена поради нападот врз поранешниот претседател Доналд Трамп. Најостро го осудувам инцидентот во кој беше пукано врз господинот Трамп. За политичкото насилство нема место во демократските држави. На господинот Трамп му посакувам брзо закрепнување“,
порача шефицата на државата.
Сиљановска-Давкова изрази сочувство и за семејството на 20-годишникот, кој како осомничен за обидот за атентат, беше убиен од страна на американските безбедносни служби.
„Нашите мисли се со семејството на починатиот, со повредените лица и со американскиот народ“,
додава претседателката.
Осуда за обидот за атентат врз поранешниот американски претседател и кандидат за нов мандат, Доналд Трамп, упатија светските лидери, како и американски државници.
Обидот за убиство на Трамп се случи на предизборниот митинг во Батлер, Пенсилванија. Припадници на Тајната служба итно го изнесоа Трамп од бината од каде што го држеше митингот откако одекнаа истрели од огнено оружје, а тој се фати за увото кое беше раскрвавено.