Претседателката Гордана Сиљановска Дафкова изрази задоволство од континуитетот со кој доследно се промовираат вековните македонски традиции, култура и уметност. Таа смета дека Галичката свадба, како значен туристички настан, придонесува за заживување на галичкиот крај и негова популаризација

По 61. пат спискаа зурлите и згрмеа тапаните на традиционалната манифестација „Галичка свадба“ на која денеска „да“ за заеднички живот си кажаа Стефана Димитрова и Даријан Кочоски.
Во реканското село Галичник и овој пат се собраа бројни туристи од земјава и странство за да присуствуваат на настанот на кој се прикажуваат сите специфики, обреди и обичаи со кои вековно се стапувало во брак, а се задржани до денес.
Традиционално покровител на оваа културно-сценска манифестација е Претседателот на државата. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која присуствуваше во Галичник, изрази задоволство од континуитетот со кој доследно се промовираат вековните македонски традиции, култура и уметност. Таа смета дека Галичката свадба, како значен туристички настан, придонесува за заживување на галичкиот крај и негова популаризација.










Честитајќи им го склучувањето на бракот на годинашните младенци, таа им подари „галичка пафта“ со мотив од галичка носија, со желби за љубов, среќа и бериќет во нивниот иден заеднички живот.
„Многу сум среќна што младите го препознаваат значењето на она што е исконско и што е дел од нас и продолжуваат да ја негуваат таа традиција“,
рече Сиљановска Дафкова.
„Галичка свадба“ официјално почна вчера со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање“ пушкa од куќата на зетот. Денеска беа одбележани традиционалните свадбени обичаи, а младенците се венчаа во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“.