Дејствувањето на армиските сили е во координација со сите инволвирани субјекти во гаснењето на пожарот во поширокиот реон на неготинско и планината Серта

Стотина припадници на Армијата и два хеликоптера „ми 8“ и „ми 17“ од Воздухопловниот ВИНГ од утринава се вклучени во гаснењето на пожарот на планината Серта. Дејствувањето на армиските сили е во координација со сите инволвирани субјекти во гаснењето на пожарот во поширокиот реон на неготинско и планината Серта, велат од Генералштабот на Армијата.
„По наредбата од страна на претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, за ангажирање на Армијата за справување со пожарите во реонот на неготинско, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, нареди ангажирање на потребните капацитети на Армијата“,
се додава во соопштението.




Армијата, додаваат оттаму, согласно својата мисија и задачи останува максимално подготвена во извршувањето на својата уставна обврска и задачи од мисијата која вклучува и нејзино ангажирање во помош на граѓаните и институциите при справување со елементарни непогоди секогаш кога било потребно.
Освен Армијата, во гаснењето на овој пожар, кој од утринава е разгранет на три страни, вклучени се и пожарникарите од локалните територијални противпожарни единици, припадници на полицијата, ловџии, шумски работници.
На полицискиот и двата армиски хеликоптери во гаснењето на пожарот се очекува да им се приклучат и два „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.