Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во моментов се активни осум пожари на отворено, од кои три избувнале денеска, а пет сè уште се активни од претходно.
Според најновите информации гори во:
– Општина Неготино во атар на с. Калањево
– Општина Ново Село на Огражден
– Гевгелија – кон Кожув
– Прилепско, с. Црнилиште
– Штипско меѓу селата Драгоево и Селце
– Општина Конче, сeла Горно и Долно Лаповиќ
– Општина Велес, с. Јаболчиште
ЦУК информира дека дел од силите вклучени во гаснењето на огнот сè уште се на терен, но како паѓа ноќта се повлекуваат, а некаде, според процена на пожарникарите, ќе се остават дежурни екипи.
„При пожарот на отворен простор кај селата Горни и Долни Липовиќ, Општина Конче, гори сува трева, грмушки, прнар, ниско стеблеста шума, бор и друга вегетација. Интервенирале: ТППЕ Радовиш со десет пожарникари, две ПП возила, доброволци 20, Доброволно ПП друштво (ДПД) ‘Гори’ – 6. Дел од пожарот е локализиран, а дел се уште е активен. Екипите ќе се повлечат, а интервенцијата ќе продолжи во утринските часови. Шумскиот пожар помеѓу с. Негорци и с. Кованец, Општина Гевгелија, е локализиран и е под контрола. Во текот на денот интервенирале ТППЕ Гевгелија со пет пожарникари и 15 од ЈП МШ ПШС Кожув. Интервенцијата ќе продолжи во утринските часови“,
информира ЦУК.
Од АМСМ вечерва информираат дека од 21:10 часот сообраќајот на регионалниот пат Штип – Неготино кај клучката 21 км е во прекин во двата правци поради пожарот на планината Серта.
Центарот за управување со кризи денеска информираше дека во последното деноноќие се примени 2 190 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 за 26 пожари на отворено, од кои пет биле активни и денеска наутро и врз нив се дејствувало и со воздухопловна поддршка.
Според податоците на ЦУК, во првите 12 дена од јули имало вкупно 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.