„Кога слушам дека новата влада на Северна Македонија во внатрешноста на земјата се нарекува Република Македонија, тогаш сериозно сум загрижен и секако тоа е прашање што сакам да го покренам, не е конструктивно, не помага на европскиот пат на Северна Македонија и е непотребна компликација“, рекол грчкиот премиер
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вели дека е сериозно загрижен од тоа што новата влада на Северна Македонија во внатрешната комуникација сè уште се нарекува Република Македонија.
Според Мицотакис, кој денеска учествувал на јавна дебата со поранешниот амбасадор на САД во Грција, Даниел Спекхард, тоа не ѝ помага на европскиот пат на Северна Македонија и е непотребна компликација. Тој во дебатата напоменува дека проблемот со Балканот е што многу често сеништето на национализмот се појавува кога тоа никој не го очекува и како пример ја наведува Северна Македонија.
„Кога слушам дека новата влада на Северна Македонија во внатрешноста на земјата вели ‘Република Македонија’, тогаш сериозно сум загрижен и секако тоа е прашање што сакам да го покренам, не е конструктивно“,
вели Мицотакис, пренесува грчката телевизија ЕРА.
Мицотакис во дебатата посочил оти Северна Македонија сега е земја членка на НАТО бидејќи Грција го тргнала ветото по Договорот од Преспа.
„Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција го укина ветото по Договорот од Преспа што го потпиша и ратификува претходната влада. Јасно кажавме дека се работи за меѓународен договор кој ја обврзува државата. Тоа го почитувавме и јас го почитувам. Еден од основните, ако не и најфундаменталните, аспекти на овој договор беше поврзан со тоа што името ‘Северна Македонија’ мора да се користи секаде, и внатре и надвор. И ова е нешто што е многу јасно и не може да се преговара“,
рекол Мицотакис.
Грчкиот премиер Мицотакис, како и македонскиот претседател на Владата, Христијан Мицкоски, се во Вашингтон, каде што присуствуваат на Самитот на НАТО по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на воената алијанса, а кој трае од денеска до 11 јули.
Самитот на НАТО е во фокусот на јавноста поради потенцијалната средба на македонскиот и грчкиот премиер, која би била прва по острите реакции на официјална Атина за употребата на уставното име од страна на државниот врв во земјава.
Според официјалните програми на двајцата премиери Мицкоски и Мицотакис, освен на самитот на НАТО и предвидените активности на маргините, ќе присуствуваат и на вечерата во Белата куќа во организација на американскиот претседател Бајден.
Портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис вчера рече дека не е предвидено да се одржи средба меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис.
Мицкоски, пак, пред заминувањето за Вашингтон изјави дека доколку има средба со грчкиот премиер на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон, се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис предупреди на „многу непријатна позиција“ на НАТО-самитот ако Мицкоски како премиер инсистира на истата реторика за името.
Грчкиот премиер, по денешната јавна дискусија со Спекхард, утре, непосредно пред почетокот на самитот, ќе има јавна дискусија во рамките на Јавниот форум на НАТО со Надја Сендлоу, поранешна заменик-советничка за национална безбедност на САД.
Дополнително, ќе има средби со членови на Конгресот, додека, пак, в петок ќе замине за Њујорк, каде што ќе се сретне со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.