Премиерот рече дека се подготвуваат протоколи за отворање на градинките и општо за враќање на животот во нормала
Владата прави план за враќање на животот во нормала, а веќе се работи и на нови протоколи како да се отворат градинките, најави денеска техничкиот премиер Оливер Спасовски при посета на Пробиштип.
„Сметам дека преку добро изградени протоколи за однесување, што треба да се преземе од аспект на здравјето и на децата и на вработените и за спречување на ширење на коронавирусот, децата ќе можат да се вратат во градинките. Меѓутоа, Владата ќе донесе одлуки за тоа, а важно е да има верба кај граѓаните“,
вели Спасовски.
Последните истражувања и анкети, како што рече, покажале дека над 68 отсто од граѓаните сметаат оти Владата добро се справува со здравствената криза.
„Тоа покажува дека граѓаните веруваат во институциите, што е многу важно. Оваа криза придонесе да ја вратиме вербата во институциите на системот. Ние имавме период од 11 години во кој се разоруваа институциите на системот, по која било основа, и затоа таа недоверба беше во тој период. Мислам дека со ова придонесовме да ја вратиме довербата во институциите“,
вели Спасовски.
Посочи дека здравствените работници покажале како пожртвувано се работи во ваква состојба за да се сочуваат животот и здравјето на граѓаните. Токму преку таа стекната верба во институциите може лесно да се врати животот, но и да почнат со работа училиштата и градинките.
