Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, пак, кој упадна на прес-конференцијата на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ), оцени оти информациите изнесени од Синдикатот се паушални и дека треба да се почека официјалниот извештај на МВР
Сообраќајната несреќа, во која автобус на ЈСП „Скопје“ вчера се качи на жардиниера кај ТЦ „Мавровка“, според возачот, е поради техничката неисправност на возилото. Тој ова го кажа на прес-конференцијата која пред управната зграда на ЈСП денеска ја одржаа претставници на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ), кои посочија дека и покрај неколкуте алармирања, автобусот повторно бил пуштен во сообраќај како исправен.

„Јас го приметив автобусот дека не е исправен. Ќе пријавам дефект и утредента истиот автобус го земаме со потпис и печат дека е сервисиран и исправен е за линија. Со години сообраќам на линијата ‘двојка’, од Сарај до Автокоманда и обратно, ги знам најситните дупки. Таа линија ја возам и мене не може такво нешто да ми се случи. Мене ми побеле коса од волан и сега јас целиот се ежам додека зборувам. Жал ми е за патниците, пред се, кои добија стрес и за мене исто така“,
рече возачот на автобусот.
Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, рече дека според сознанија на Синдикатот, за конкретниот автобус неколкупати било пријавувано дека е технички неисправен, но и покрај тоа бил пуштен во сообраќај, а пред извесен период, како што рече, го користеле на линија до Водно.
„Замислете доколку такво нешто се случело тогаш, затоа што се работи за технички проблем на автобусот, додека шоферот максимално направил што можел“,
рече Ристески на денешната прес-конференција.
Според него, директен виновник на вчерашната несреќа е градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска,
„Не може со нејзиното однесување и ароганција кон вработените и синдикатите, не може постојано да се менуваат директори на Јавните претпријатија и само таа да е исправна“,
рече претседателот на Синдикатот.
Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, пак, кој упадна на прес-конференцијата, оцени оти информациите изнесени од страна на Синдикатот се паушални и дека треба да се почека официјалниот извештај на МВР.
„Немате официјален извештај од МВР кои се причините за сообраќајката, дека воланот откажал. Да оставиме на службите да утврдат зошто е настаната ситуацијата. Возилото има технички преглед и е редовно сервисирано“,
рече Кушовски.
Двокатен автобус на ЈСП „Скопје“ вчера околу 14 часот удри и се качи на жардиниера на раскрсницата кај Трговскиот центар „Мавровка“ и Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ во скопски Центар. По несреќата, еден патник и возачот што управувал со автобусот се пожалиле на повреди.