Станува збор за финансиски средства кои Брисел ќе ни ги даде во следните три-четири години, во зависност од тоа дали земјата ќе успее да исполни редица реформи утврдени во посебен план, кој патем се финализира деновиве. Првата транша од 50-тина милиони евра би можела да „легне“ во Буџетот веќе во септември
Но, меѓу реформите, има и такви кои се предизвикувачки, особено во енергетиката, јавната администрација, транспортот. Па сепак, министерот за европски прашања тврди – владата е цврсто определена да чекори по реформскиот пат
Во април и мај годинава, Европскиот парламент и Советот на ЕУ се согласија – земјите од Западен Балкан да добијат 6 милијарди евра од Брисел.
Иако парите се најзвучниот, тие се само дел од поширок план.
„Тоа што го предлагаме не е само план за интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија, туку и за регионот да се интегрира внатрешно“,
изјави еврокомесарот Оливер Вархеи на 16 мај 2024 година.
Името кое го доби иницијативата е План за раст на Западен Балкан. Почива на четири столба:

1. Зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ;
2. Зголемување на економска соработка меѓу земјите од Западен Балкан;
3. Забрзување на фундаменталните реформи;
4. Зголемена финансиска поддршка за фундаменталните реформи.
Целта е преку засилена економска интеграција на земјите од регионот меѓу себе и со ЕУ, постепено да почне да се намалува разликата во стандардот на државите од Западен Балкан и Унијата. А за да се случи таа интеграција потребни се реформи што секоја земја прво ги договара со Брисел, со конкретни рокови и задолженија. Нивното спроведување ќе се поттикнува со пари.
Северна Македонија значајно напредуваше во подготовката на својот план за реформи, наречен реформска агенда, уште за време на техничката влада.

„И покрај фактот што Северна Македонија беше во изборен период, интензивно работевме на финализирање на нашата реформска агенда 2024-2027 година. Последната нацрт-верзија на реформската агенда одобрена на Владата, беше споделена со Европската комисија на почетокот на мај“,
изјави премиерот на техничката влада, Талат Џафери, во мај годинава.
Но, земјава сега има нова влада, а со тоа и ново раководство кое не учествувало директно во договарањето на реформските приоритети. Од друга страна, време за големи промени нема бидејќи агендата мора да биде усвоена до крајот на август, за да стигнат првите пари.

Не се малку. За Северна Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра. А првата транша од 52,5 милиони, односно 7% од вкупната сума, треба да стигне веднаш штом се усвои реформската агенда и Собранието ги ратификува финансиските договори.
Тоа што во моментов е јасно е дека новата Влада веќе смета на овие пари, а со тоа декларира дека е подготвена да ги спроведе предвидените реформи.

„Значи, тие реформи не се поврзани ниту со Грција, ниту со Бугарија, се поврзани со нас. Ако тие реформи ги реализираме, секоја година Македонија ќе добива по околу 250 милиони евра директна субвенција во буџетот како подарок од Европската Унија како грант и тоа е нешто што мораме да го направиме затоа што тие реформи се добри и за нас. Да не зборувам колку ќе значат тие средства директно во буџетот.“
Од самите почетоци на процесот, кој сега е стигнат до усвојување на реформската агенда, е вклучена Дрита Абдиу–Халили. До скоро таа беше државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања.

„Со новата методологија за пристапни преговори усвоена во март 2020-та година се воведе една новина, тоа е забрзана интеграција или фазно пристапување кое дава можност на земјите од Западен Балкан кои се во овој процес, да ги осетат придобивките од ЕУ за време на пристапниот процес, пред да станат полноправни членки“,
изјави за „360 степени“ Дрита Абдиу – Халили, доскорешна државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања.
Што се однесува до реформската агенда, Абдиу-Халили вели дека таа е доведена речиси до финална форма, по серија консултации со Брисел. На новата влада и останува да ја усвои конечната верзија.
„Јас објаснив дека при одредувањето на приоритетните цели ние работевме заедно со Европската комисија и повеќе или помалку овие реформски области се слични со другите земји од Западен Балкан. Во тој дел приоритетите се усогласени. Во однос на чекорите, сигурно дека може да има некој рок, за некој чекор, до-договарање или доусогласување, но мислам дека приоритетите не би можеле да се сменат“,
изјави Дрита Абдиу – Халили.
Реформската агенда не е јавен документ, па Абдиу-Халили не сакаше да навлезе во детали.
„360 степени“ имаше увид во една од верзиите од последните два месеци. Некои од утврдените обврски беа:
– До декември 2025 г., најмалку 90% од испразнетите менаџерски позиции (директори и секретари) во администрацијата да се пополнуваат во компетитивна процедура, вклучувајќи да има по најмалку тројца кандидати;
– До 2027 година, најмалку 25% од сите тендери, според вредноста, да се доделуваат по критериумот економски најповолна понуда за разлика од сегашните 9,18%.
Има елементи кои се однесуваат на енергетиката, кои го засегаат секој бизнис и граѓанин, како, на пример:
– Да се прилагоди цената на струјата за домаќинствата според пазарните цени и да се намали субвенционирањето на универзалниот снабдувач на најмногу 65% до јуни 2025, најмногу 45% до јуни 2026 и најмногу 25% до јуни 2027;
– Да почнат да се исполнуваат првичните обврски од планот за енергетска транзиција, вклучувајќи старт на реквалификација на вработените во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј кои треба полека да го исфрлаат јагленот како извор на енергија.
Дали владата има политичка волја да ги спроведе обврските во реформскиот план, е едно од прашањата кои му ги поставивме на првиот човек на доскорешниот Секретаријат за европски прашања, а сега Министерство за европски прашања.

„Апсолутно да. Доказ за тоа е дека на првата конститутивна седница на владата сите министерства добија задолженија во рок од четири дена да ги достават сите нивни предлози и евентуални несогласување за да можеме ние на 5-ти да ја донесеме“,
изјави за „360 степени“ Орхан Муртезани, министер за европски прашања.
Забелешките биле презентирани вчера и денеска на интензивни консултации. Комуникацијата за некои прашања, признава Муртезани, е отежната бидејќи со реорганизацијата на владата некои сектори преминаа од еден ресор во друг. Најголем дел од отворените прашања се затворени.
Дали тоа значи дека нема да има ре-преговарање на приоритети што ги договорила претходната влада?

„Сепак преговорите ги води државата низ институциите, а не одредени политички гарнитури. Што значи дека преземените обврски се обврски кон државата без разлика кој ја води. На состанокот одржан вчера, одредени министри имаа одредени да речеме резерви или предлози во смисла на одредени корекции. За жал согласно добиените насоки од Европската комисија нема да има голем простор за повторно преговарање, меѓутоа истите ние ги ставивме во склоп на потребната документација којашто ќе биде доставена до владата утре и во влада ќе треба да донесеме конечна одлука. Меѓутоа нема да има простор за поголеми корекции.
360 степени: Имавме можност да видиме, да кажеме делови од една од претходните верзии на овој документ. Па би прашал сега и во детали. Еден од нив, на пример, беше барањето постепено да се намали, да се намалат средствата со кои владата практично го субвенционираше ЕСМ, односно висината на цената на електрична енергија којашто ја плаќаат домаќинствата. Постои ли стравување дека доколку се исполнат овие чекори од реформската агенда, дека е можно електричната енергија за домаќинствата да поскапи?
Прво да појаснам за јавноста дека различните стојалишта меѓу да речеме нашата страна и Европската комисија е само во имплементирањето на роковите. Значи нема несогласување во однос на содржината на реформите. Едно од клучните прашања што вчера беше разговарано е и ова, во однос на евентуалните импликации и врз цената не електричната енергија. Беа побарани дополнителни консултации и со други институции и сите овие информации утре ќе бидат доставени на седница на влада. Меѓутоа, едно да појаснам – усвојувањето или неусвојувањето на реформската агенда нема да го одложи стапувањето на сила. Ова е сепак регионален проект и да речеме ако одредена реформа треба да стапи на сила на 1.1.2025 ние и да не ја усвоиме агендата, реперкусиите ќе почнат да течат.
360 степени: Дали државата има капацитети да ги спроведе реформите на кои се обврзува во овој документ? Тука ќе споменам реформи во однос на јавните набавки, јавната администрација, начинот на кој се бираат функционерите итн.
Тоа што го имам како перцепција од вчерашните состаноци коишто беа многу детали за секоја тема е дека прилично, за поголемиот дел од темите, институциите во моментот не се спремни но имаат одредена идеја и план како да стигнат до имплементација на реформите. Затоа, за поголемиот дел од темите не се очекува поголеми проблем. Има, да речеме две или три области каде состојбата во моментов е многу влошена и немајќи основни услови не можеме да се стремиме кон имплементирање на реформи коишто се актуелни во ЕУ. Од таков карактер се реформите во железницата, односно транспорт, реформите во однос на преструктуирање или реорганизација на државните компании и меѓу најинтересните или најпроблематичните точки е т.н. карбон прајсинг коешто стапи на сила на 1.1.2026 и целиот процес на сертифицирање и документација на изворот, односно од какви извори се произведува електричната енергија којашто се користи во процесот на производство, е така посложена, покомплексна тема за којашто ќе треба малку повеќе институции да бидат вклучени и малку повеќе напор“,
одговараше Муртезани на нашите прашања.
Карбон прајсинг значи поскапа струја за индустријата која користи електрична енергија од фосилни горива, што ќе биде голем предизвик и за државата и за стопанството.
И за овој и за сите други тешки чекори, и новиот министер, но и доскорешната државна секретарка сметаат – вреди.

„Би сакала да кажам дека ова е голема можност за нашата држава. Така беше прифатено некако природно од сите држави од Западен Балкан затоа што дава динамика не само на реформите, туку и во однос на средствата и во однос на првиот и вториот столб, каде неповрзано со реформската агенда ќе можеме да бидеме дел од некои области на Европската Унија без да бидеме членка, односно во патот кон пристапување. Ова е една можност што треба да се искористи“,
Меѓу областите во кои Западен Балкан, а со тоа и Северна Македонија, ќе се приближуваат до ЕУ независно од реформската агенда е и пристапот до Единствената европска платежна област. Со други зборови, драматично ќе се намалат провизиите за трансфер на пари од земјава до ЕУ кои во моментов се значителни. Предвидени се и други точки на приближување кои ќе помогнат во други области.

Но, што од тоа ќе се оствари и колку пари ќе повлече Северна Македонија од предвидените за неа, ќе зависи од надлежните за спроведување на преземените обврски, пред се, Владата и нејзините институции.