Чулев најави дека случајот ќе го испита Одделот за внатрешна контрола на МВР и доколку се утврди пречекорување на службените овластување ќе следи постапка за утврдување на дисциплинска одговорност
Здружението на новинарите на Македонија го осудува односот на полициските службеници од обезбедувањето и одговорните за протокол на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев кон новинарот од ТВ Клан, Фуркан Салиу, кој се обидел да постави прашање на одбележувањето на Денот на македонската полиција.
„На денешниот настан организиран од МВР, обезбедувањето на министерот прекршувајќи го Кодексот на однесување на полициски службеници (во членот 19 според кој полицијата има обврска да воспостави професионален однос со медиумите и новинарите) на крајно недоличен начин пробуваше да го оддалечи новинарот Салиу од министерот Чулев поради тоа што тој сакаше да му постави прашање. Според Салиу, дел од неуниформираните полицајци дури тврделе дека треба “да му одржат лекција на него“ што претставува директна закана кон новинарот и е недозволива за било кој државен службеник. ЗНМ бара од одделот за внатрешна контрола при МВР итно да го истражи овој случај и соодветно да ги казни припадниците на полицијата кои си дозволиле да постапуваат спротивно од законските овластувања“,
се вели во соопштението на ЗНМ.
Од таму додаваат дека кога се организираат настани на кои се поканети медиуми, министерот мора да оддели време за прашања за новинарите, особено на настани за кои постои голем јавен интерес, а во спротивно велат, таквото однесување се смета за нетранспарентно и недемократско.
Чулев пак, најави дека случајот ќе го испита Одделот за внатрешна контрола и доколку се утврди дека од страна на вработените во МВР се пречекорени службените овластување за истите ќе следи постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
„Но, истовремено апелирам до новинарите да се придржуваат и да го почитуваат етичкиот новинарски кодекс. Градењето на коректни односи со медиумските работници е од исклучително значење, но тој однос неопходно е да го градиме заеднички“,
напиша Чулев на Фејсбук.
