Нејзиното име ќе се најде на избирачкото ливче оти, како што рече, веќе биле испечатени материјалите. Но, посочи дека нема да излезе да гласа, а смета дека тоа треба да го направат и другите тројца кандидати на овие избори
Како причина за откажување на изборниот процес, Петровска го посочува и тоа дека во определени општински организации се појавиле одреден број гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани и, како што рече, некој ги регистрирал без нивна согласност користејќи ги алатките
Да се откаже внатрепартиското гласање за избор на претседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) кое треба да се одржи в недела. Ова денеска го изјави пратеничката и кандидатката за претседателка на СДСМ Славјанка Петровска, на два дена пред одржување на внатрепартиските избори во СДСМ, на кои таа е еден од четворицата кандидати за иден претседател на партијата, посочувајќи дека главна причина за откажување на изборите е тоа што, според неа, изборниот процес бил нефер, односно дека, како што рече еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и со тоа, додаде, дека ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата.

Петровска, покрај повикот да се откажат изборите за иден претседател на СДСМ, смета дека потоа, според неа, треба да се формира времено партиско раководство.
Нејзиното име ќе се најде на избирачкото ливче оти, како што рече, веќе биле испечатени материјалите. Но посочи дека нема да излезе да гласа, а смета дека тоа треба да го направат и другите тројца кандидати на овој избор.
„Не е прашањето кој од нас четворица ќе биде избран. Влогот е многу поголем. Во прашање е СДСМ и легитимитетот на сите одлуки кои во иднина треба да бидат донесени. Со едно раководство кое ќе биде времено раководство, кое ќе биде избрано во согласност со измени на статут, кои ќе треба да се предложат. Изминатите 30 години сме имале многу тешки ситуации во СДСМ, но со договор сите тие биле надминувани“,
рече таа.
Како причина за откажување на изборниот процес, Петровска го посочува и тоа дека во определени општински организации се појавиле одреден број гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани и, како што рече, некој ги регистрирал без нивна согласност користејќи ги алатките.
„Имав забелешка и за тоа што се случи пред десетина дена, за што сè уште немам одговор, а се работи за злоупотреба на личните податоци на еден од кандидатите, кога беа испраќани илјадници пораки користејќи ги тие податоци“,
вели Петровска.
Според неа, партијата започнала некој процес на внатрешна истрага за овој случај, а кандидатот дал одговор кој, како што рече, за неа не бил релевантен.
„Таков сериозен скандал не смее да биде премолчен бидејќи тоа влијае кога имате пристап до базата на податоци на сите членови, а тоа го има само еден кандидат. Тоа може сериозно да влијае и на процесот и на резултатот“,
рече таа.
Во гостување на ТВ Канал 5 вчера Петровска рече дека застанувањето на кој било од поранешните претседатели на СДСМ зад некој од сегашните претседателски кандидати може дополнително да ја подели партијата.
Претседателката на Централната изборна комисија за избор на претседател на СДСМ Викторија Аврамовска-Мадиќ потврди дека изборите ќе се одржат, зашто како што посочи, работеле напорно за да спроведат транспарентен и демократски процес.
„Избирачкиот список ќе број 23 373 акредитирани членови на СДСМ, кои ќе можат да оставрат право на гласање на 77 избирачки места“,
рече таа.
Во однос на забелешките на Петровска, рече дека тоа е нејзино право, како и дека само таа од кандидатите не доставила предлог-контролори за избирачките места кои треба да ја следат работата во недела.
Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски и официјално се кандидатите кои влегуваат во трката за лидер на СДСМ, на внатрепартиските избори закажани за 30 јуни.