Коментирајќи ја изјавата на македонскиот премиер, бугарскиот претседател оцени дека „оваа политика е насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји членки на ЕУ, против меѓународните обврски преземени од РСМ и против сопствените граѓани, кои јасно се изјаснија за поддршка на европскиот развој на земјата“
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пак, ги повика македонските колеги на одговорност и оцени дека без поддршката на Бугарија и Грција, РСМ нема шанси за ЕУ
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски од пред два дена дека е можна промена на Преговарачката рамка и оти за тоа ќе се обиде да најде решение со новата влада во Бугарија, предизвика реакции од бугарскиот претседател Румен Радев и од лидерот на ГЕРБ, Борко Борисов, чија партија освои најмногу гласови на последните парламентарни избори во соседната земја.
Коментирајќи ја изјавата на Мицкоски, Радев оцени дека „оваа политика е насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји членки на ЕУ, против меѓународните обврски преземени од РСМ и против сопствените граѓани, кои јасно се изјаснија за поддршка на европскиот развој на земјата“.
„Денес конечно паднаа маските. Новата влада кај нашиот југозападен сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа држава е да го препознае самото постоење на зборовите ‘Бугарин’ и ‘бугарско’ во Република Северна Македонија“,
изјави бугарскиот претседател.
Во овој контекст, Радев рече дека очекува итни и конретни дејствија и од владата во Бугарија и од европските институции за почитување на, како што вели, европските принципи и норми во процесот на проширување.
„Доколку ЕУ не се ангажира со европската перспектива на Балканот заснована на јасни норми и вредности, тогаш порано или подоцна Балканот ќе ја соочи Европа со балканизација“,
додава Радев.
Освен Радев, на изјавата на Мицкоски реагираше и бугарскиот експремиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, чија партија освои најмногу гласови на неодамнешните парламентарни избори.
Тој рече дека доколку успее да формира влада, ќе иницира средба со Мицкоски, но нагласи дека договорите, особено меѓународните и оние кои се дел од Преговарачката рамка мора да се почитуваат.
„Без нашата и поддршката на Грција, РСМ немаат шанси за ЕУ. Сега нека бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, сега веќе не можат да се потпрат на неа“,
вели Борисов.
Борисов повтори оти меѓународните договори мора да се почитуваат и дополни дека какви било толкувања „не се добри за колегите од Северна Македонија“.
Реакциите на Радев и Борисов доаѓаат откако премиерот Христијан Мицкоски пред два дена во телевизиско гостување рече дека ако постои желба, Преговарачката рамка со ЕУ може да се промени. За ова, како што рече, е подготвен да преговара по најмалку три решенија по формирањето на новата политичка влада во Бугарија.
Идеите за репреговарање на веќе преземените меѓународни обврски, оценија вчера од бугарското Министерство за надворешни работи, може само дополнително да го оддалечат почетокот на преговорите на РСМ со ЕУ.