Со овој предлог-закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка, Мицкоски рече дека домаќинствата кои се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за електрична енергија, а исто така очекуваат тој позитивно да се одрази и на оние што влегуваат во третата и четвртата група, односно зголемувањето на цената на струјата за нив да не биде значително и да се движи помеѓу 1 и 2 отсто
Група пратеници на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието поднесе предлог-закон за измена на Законот за енергетика, по скратена постапка.

За предложените измени на прес-конференција информира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада Христијан Мицкоски, кој, како што кажа, е прв потпишан на предлог-законот.
Неговата цел е, како што посочи тој, да се спречи зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, тема што изминатите денови е актуелна во јавноста, и да се заштити стандардот на граѓаните.
„Изминатите денови во јавноста една тема ги разбранува страстите и оправдано, тоа беше цената на електричната енергија којашто ќе биде практично регулирана од страна на Регулаторна комисија за енергетика на Македонија во неделите коишто следат, а којашто ќе биде апликативна односно важечка од први јули заклучно со 31 декември 2024 година. Во јавноста проструи информација дека истата ќе претрпи значителни корекции во негативен тренд за граѓаните, односно истата ќе биде зголемена“,
рече Мицкоски на почетокот на прес-конференцијата во Собранието.
Како идна влада, тој рече дека не сакаат да се мешаат во работата на независните регулаторни тела, но, исто така, додаде тој, имаат одговорност да се грижат за стандардот на граѓаните што, како што кажа, ќе биде приоритет на идните носители на извршната власт.
„И да не дозволиме истиот тој стандард поради ситни интереси на поединци да биде начнат односно загрозен. Во таа смисла група пратеници од Коалицијата ‘Твоја Македонија’ предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска прво потпишан сум јас, доставивме до Архивата на македонското Собрание предлог-закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка. Што е всушност овој предлог-закон за дополнување на Законот за енергетика? Тоа е всушност предлог-закон со кој нема да има зголемување на цената на електричната енергија за домаќинството односно стандардот на граѓаните ќе биде заштитен. А, со овој предлог-закон нема да се дозволи она коешто проструи изминативе денови во јавноста како информација да биде драматично зголемена цената на електричната енергија“,
кажа мандатарот за состав на новата влада.
Со овој предлог-закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка, Мицкоски рече дека домаќинствата кои се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за електрична енергија, а исто така очекуваат тој позитивно да се одрази и на оние што влегуваат во третата и четвртата група, односно зголемувањето на цената на струјата за нив да не биде значително и да се движи помеѓу 1 и 2 отсто.
„Тоа е она што ние како идна влада можеме да го направиме. Со други зборови нема да има зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата кои добиваат електрична енергија од универзалниот снабдувач“,
додаде мандатарот.
Тој на прес-конференцијата се обиде на едноставен начин да даде стручно објаснување за начинот на кој се формира цената на електричната енергија.
Во таа насока рече дека во формирањето на цената на струјата како збир учествуваат четири собироци, односно цените кои за своите услуги ги наплаќаат преносниот оператор МЕПСО, „ЕВН диструбуција“, операторот на пазар МЕМО и цената на самата електрична енергија.
„Вие слушнавте во јавноста дека самата цена на електричната енергија која што ЕСМ поранешно ЕЛЕМ ќе ја доставува до компанијата која што е универзален снабдувач, официјално таа цена сè уште не сме ја виделе, но слушнавме дека владата донела одлука на една од седниците таа цена да се зголеми. Од тоа што можевме во јавноста да го слушнеме цената од 57 донеле одлука да ја зголемат на 60 евра за мегават-час, ќе видиме дали е тоа така“,
рече Мицкоски, пред да продолжи со објаснувањето за формирањето на цената на струјата.
Тој појасни дека сите четири собироци се множеа со коефициентот 1,115, а зошто токму со овој коефицинет, кажа дека тоа е така бидејќи тоа била старата маржа која универзалниот снабдувач ја наплаќал од домаќинствата или во проценти тоа изнесува 11,5 отсто.
Она што го предлагаат со дополнувањето на Законот за енергетика, според Мицкоски, предвидува наместо маржа од 11,5 отсто да биде наплаќана маржа од 9,9 проценти. Можноста за ова доаѓа оттаму што станува збор за истиот универзален снабдувач, кој ќе продолжи да биде универзален снабдувач и во иднина и нема потреба да се основа ново правно лице. Оттука според дополнувањето што го предлагаат Регулаторната комисија за енергетика ќе треба само да ја продолжи лиценцата на универзалниот снабдувач.

Мицкоски упати и порака до универзалниот снабдувач многу внимателно да врши оптимизација на своите потреби, односно при набавката на електричната енергија да се води најпрво од интересите на граѓаните и да не набавува количини на електрична енергија кои нема да бидат потребни, туку „да се држи до пристапот којшто ќе биде чесен, одговорен и пред се инспиративен за граѓаните, односно да направи оптимизација за својата набавка на електрична енергија“.
Мицкоски уверува дека доколку се донесе овој предлог за дополнување на Законот за енергетика со што маржата ќе биде намалена од 11,5 на 9,9 проценти и ако универзалниот снабдувач направи оптимизација на количините на електрична енергија, тогаш нема да има зголемување на сметките за струја.
„Ќе сториме сè што е во наша моќ, во овие шест месеци да го реорганизираме енергетскиот сектор во Македонија и веќе во следниот регулационен период од први јануари 2025 до 30 јуни 2025 година граѓаните да добијат поевтини сметки за електрична енергија, индустријата да добие, онаа којашто е на регулираниот пазар, поевтини сметки за електрична енергија. На тој начин инфлацијата ќе биде задушена, односно цените наместо да се качуваат, ќе се намалуваат. Граѓаните направија тоа што требаше да направат, сега идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да направи за граѓаните“,
рече Мицкоски на прес-конференцијата.