Со отворањето на Македонскиот народен театар во 2013 година се отворија и проблемите кои до денеска не се решени.
Во објектот кој чинеше 37 милиони евра сè уште не е саниран проблемот со влегувањето вода, пишува БИРН.
Проблемот во МНТ е стар колку и самиот објект, ама по речиси седум години сѐ уште никој не се нафатил системски да го реши, туку повремено го санира со интервенции од типот „бетонирање прозорци и кофа во фоаје“.
Министерството за култура ја префрла топката во МНТ, а од МНТ, пак, ќе бараат финансиска помош од Министерството. За одговорноста на оние што нарачувале, граделе и вршеле надзор никој не зборува.
„Седум години од свеченото отворање, никој сѐ уште не утврдил каде е проблемот и зошто централниот театар во земјава практично е полупоплавен, а вработените се молат да не заврне некој посилен дожд“,
пишува БИРН.
Не помина ниту половина година од отворањето, а претставата „Вечната куќа“ беше прекината бидејќи по обилните дождови во мај 2014 година, во зградата влезе вода. Сега во тие простории нема светло, но ваков проблем оттогаш не се појавил. Но, затоа објектот уште еднаш се поплави во 2017 година, кога прокисна и на сцената, па беа ставени кофи.
„Фоајето се распаѓа. Тоа е нерешен проблем од отворањето на МНТ, а состојбата се влошува“,
вака Гунтер Кубе, техничкиот раководител на објектот, за БИРН го опиша најгорливиот проблем со кој се соочува театарот.
Сепак, не се само терасите. Пред пуштањето на театарот се појавила вода во сценската јама, каде што се наоѓа механиката за сцената.
„Австриска фирма вбризга специјална маса околу сценската јама. Дојдоа странци и го решија проблемот“,
се присети Кубе.
Директорката на МНТ, Симона Угриновска, пак, тврди дека пропустот во градежната изведба не е само естетски, туку и безбедносен проблем и дека како што одминува времето само се продлабочува.
„Имаме обврска кон публиката сѐ да биде безбедно“,
вели таа коментирајќи ја опасноста од близината на електричната инсталација и водата.
Целиот текст може да се прочита тука.
