Владата, како што кажа тој, веќе донесе одлука со која цената на електричната енергија што ЕСМ ќе му ја понуди на универзалниот снабдувач по 1 јули е 60 евра за мегават-час. Исто така, ЕСМ нема да понуди 100 проценти од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата кои се на регулираниот пазар, туку само 85 проценти
Во текот на наредната недела, по завршувањето на тендерот на „ЕВН хоум“ за набавка на електрична енергија, откако ќе ги имаме на располагање сите параметри, ќе имаме поконкретни информации за новата цена на електричната енергија што треба да важи од 1 јули годинава, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека досега имало многу потешки периоди, но никогаш не дозволиле да има сериозна промена во цената на струјата со цел да се зачува стандардот на граѓаните.
На цената на струјата, како што посочи Бислимоски, ќе влијае и профитната маржа која од 1 јули ќе биде 9,9 наместо досегашните 11,5 проценти.
„Нова цена на струјата се носи сега, а не во декември поради тоа што на стариот универзален снабдувач му истекува лиценцата на 30 јуни. Во текот на следната година не би требало да носиме одлука за цена во јуни, туку само во декември која ќе важи за цела 2026 година. РКЕ никогаш досега не дозволи да има ценовни шокови, така и сега ќе ги искористиме сите механизми кои ни стојат на располагање за да нема ценовен шок. Треба да почекаме да заврши тендерот за набавка на електрична енергија на 21 јуни и ‘ЕВН хоум’ да ги достави пресметките за цената на електричната енергија на контрола во РКЕ за да видиме колкава ќе биде цената. Правиме напори и анализи да бидеме прва земја во Европа која ќе има три часа евтина тарифа во текот на денот. Нема да ја воведеме од 1 јули, туку некаде во ноември, декември или јануари идната година. Тоа ќе зависи од анализите“,
изјави Бислимоски.
Владата, како што кажа тој, веќе донесе одлука со која цената на електричната енергија што ЕСМ ќе му ја понуди на универзалниот снабдувач по 1 јули е 60 евра за мегават час. Исто така, ЕСМ нема да понуди 100 проценти од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата кои се на регулираниот пазар, туку само 85 проценти.
„Оваа цена од 60 евра за мегават час на некој начин е изненадување и за мене, бидејќи во услови на криза нудеа пониска, но на некој начин може да ја изменаџираме. Мене ме загрижуваат 15-те проценти кои треба да ги набавува ‘ЕВН хоум’ на слободниот пазар. На фјучерсите што ги гледаме во текот на денот цената се движи од 90 до 100 евра и е повисоко од тоа што го дава ЕСМ. Како и досега, и сега ќе ги искористиме сите механизми за да не предизвикаме ценовни шокови за граѓаните“,
истакна Бислимоски.
Последна промена на цената на електричната енергија имаше во јануари годинава. Согласно одлуката на РКЕ, цената на струјата за домаќинствата од 1 јануари се намали за 5,16 отсто за првиот блок, за вториот блок и за евтината тарифа остана иста, за третиот блок поскапи за 2,88, а за четвртиот блок за 1,86 отсто. Беше воведен и надомест за пристап до мрежа од 200 денари месечно за сите домаќинства.